Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес објави дека ќе го повика американскиот претседател Доналд Трамп да воведе санкции против Русија кога ќе се сретнат следната недела во седиштето на Обединетите нации во Њујорк и ги повика сојузниците на Украина да „престанат да губат време“.
Зеленски на прес-конференција во својата канцеларија во Киев изјави дека очекува да бидат воведени дополнителни санкции против Русија ако претседателот Владимир Путин одбие да се сретне со него или да се согласи за прекин на огнот, објави денес The Guardian.
„Ако војната продолжи и нема напредок кон мирот, очекуваме санкции“, рече Зеленски.
Трамп постојано се закануваше дека ќе преземе мерки против Русија, а минатата недела изјави дека САД се подготвени да „воведат големи санкции“ врз Русија, но само откако сите земји од НАТО ќе се согласат да престанат да купуваат нафта од Русија и да воведат царини врз Кина.
Коментирајќи ја моменталната ситуација во врска со воведувањето нови санкции врз Русија, Зеленски рече дека „поврзувањето“ на можните санкции на САД со барањата од европските земји да дејствуваат први значи „забавување на притисокот врз Путин“.
„Претседателот Трамп очекува силна акција од Европа. Мислам дека губиме многу време ако не се воведат санкции или не се преземат некои чекори, што е она што го очекуваме од него (Трамп)“, нагласи Зеленски.
Зеленски рече дека сака „цела Европа“ да воведе санкции врз Русија и дека Трамп би можел да ги „охрабри“ европските земји да сторат повеќе, додавајќи дека проруската влада на Словачка веројатно ќе одговори на американскиот притисок.
„Сите гледаат кон САД“, рече тој.
Украинскиот претседател ја повтори својата подготвеност да се сретне со Путин во кој било формат, или сам или на состанок на кој ќе присуствува и американскиот претседател.
Тој најави дека за време на претстојната посета на Њујорк ќе побара и појаснување за тоа какви безбедносни гаранции се подготвени да обезбедат САД како дел од мировниот договор.
Зеленски, исто така, рече дека неговата сопруга Олена „најверојатно“ ќе се сретне со Меланија Трамп во Њујорк, како и ќе разговара со неа за враќањето на украинските деца киднапирани од Русија.
Тој оцени дека кризата со горивото во Русија, која доведе до долги редици за бензин во некои делови од земјата, ќе се влоши, истакнувајќи дека Киев го намалува јазот со Москва во производството на беспилотни летала, но дека на Украина ѝ се потребни повеќе пари за финансирање на домашното производство на оружје.