Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли предлогот на Владимир Путин Украина да се повлече од Донецк и Луганск како дел од мировниот план поддржан од Доналд Трамп, објави Ројтерс. Зеленски јасно рече дека таква опција не е можна.
По средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, Трамп разговараше со Зеленски повеќе од час и половина. На повикот се придружија и лидерите на НАТО и европските земји.
Според извор запознаен со разговорот, Трамп му рекол на Зеленски дека Путин е подготвен да престане да се бори на другите фронтови ако Украина се повлече од истокот на земјата. Зеленски одби, нагласувајќи дека нема повлекување од Донбас.
„Фајненшл тајмс“ претходно денес објави дека на самитот со Трамп, Путин побарал Украина да се повлече од регионот Донецк во замена за замрзнување на фронтот во регионите Херсон и Запорожје. Потоа „Њујорк тајмс“ објави дека Трамп го поддржува планот и верува дека мирот може брзо да се постигне ако Украина се согласи да го предаде остатокот од Донбас, вклучувајќи ги и областите што не се заземени од руските сили.
Трамп и Зеленски треба да се сретнат во понеделник во Белата куќа, а поканети се и европски лидери, иако сè уште не е јасно кој од нив ќе одговори.
Да потсетиме дека Зеленски, исто така, јасно ја отфрли можноста за повлекување од Донбас минатата недела. „Ако се повлечеме од Донбас денес – од нашите утврдувања, од теренот и височините што ги држиме, очигледно ќе им отвориме пат на Русите да започнат нова офанзива“, рече украинскиот претседател.
Таквиот план би бил спротивен и на предупредувањата од европските лидери дека секој мировен договор мора да го почитува територијалниот интегритет на Украина и принципот дека меѓународните граници не можат да се менуваат со сила. Таквиот предлог би барал и одобрение од украинскиот парламент.