Зеленски формира украинска делегација за мировни преговори

0

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша указ за формирање украинска делегација за учество во преговорите со Соединетите Американски Држави, меѓународните партнери и претставниците на Русија, со цел постигнување праведен и одржлив мир.

Указот е објавен на официјалната веб-страница на претседателот, а во делегацијата се началникот на кабинетот на претседателот Андриј Јермак како шеф на делегацијата, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, началникот на Главната дирекција за разузнавање на Министерството за одбрана Кирил Буданов, началникот на Генералштабот на вооружените сили Андреј Хнатов, началникот на Службата за надворешно разузнавање Олег Ивашченко, првиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Кислица, првиот заменик-секретар на Советот за национална безбедност Евгениј Остријански, заменик-шефот на СБУ Олександр Поклад и советникот на шефот на претседателската администрација Олександр Бевз, пренесе „Танјуг“.

На шефот на делегацијата му е дозволено да прави измени во составот на делегацијата во договор со претседателот, како и да вклучува вработени во државни органи, претпријатија, институции, научни советници и експерти за ефикасна работа на тимот, објави „Укринформ“.

Трошоците за учество на делегацијата во преговорите ќе ги обезбеди Кабинетот на министри на Украина.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на 21 ноември потврди дека неговата администрација го поставила следниот четврток како рок до кој Украина треба да се согласи со планот на Белата куќа за завршување на војната, кој, според американските медиуми, се состои од 28 точки поделени во четири категории: мир во Украина, безбедносни гаранции, безбедност во Европа и идни односи на САД со Русија и Украина.

По разговорите со потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, Зеленски изјави дека Украина, САД и Европа ќе работат на ниво на советници за да го направат патот кон мирот изводлив.

ИЗДВОЕНИ