Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен директно да преговара за чувствителни прашања со лидерот на Кремљ, Владимир Путин, како дел од напорите за завршување на војната со Русија.
Ова го објави украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, кој во интервју за украинскиот портал „Европска правда“, додаде дека најчувствителните прашања во потрагата по мирно решение сè уште не се решени. Тие вклучуваат територијални прашања и нуклеарната централа Запорожје, која е окупирана од Русија.
Зеленски е подготвен да се сретне со Путин со цел да ги реши овие прашања, потврди Сибиха.
Како услов за прекин на огнот, Русија бара територијални отстапки од Украина, особено повлекување на украинските сили од регионите Донецк и Луганск.
Нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, е окупирана од руски трупи од март 2022 година, кратко по почетокот на инвазијата.
Зеленски претходно во неколку наврати повика на средба со рускиот претседател, но Москва досега не покажа подготвеност за средба меѓу двајцата лидери.
За време на викендот, преговарачите од Украина и Русија одржаа, за прв пат по неколку месеци, директни разговори во Обединетите Арапски Емирати со посредство на Соединетите Американски Држави. Се очекува разговорите да продолжат во недела во Абу Даби.












