Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена да одржи избори дури и за време на војна, но под услов САД и европските партнери да помогнат во обезбедувањето на безбедноста.
Оваа изјава, како што тој објави вчера во медиумите, доаѓа како одговор на неодамнешните коментари на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во интервју за Политико рече дека е „време“ за избори во Украина, пишува The Kyiv Independent.
Зеленски објасни дека одржувањето на изборите зависи од неколку клучни фактори. Тој ја наведе безбедноста како главен предуслов, со оглед на тоа што Русија продолжува да извршува редовни напади низ целата земја. Покрај тоа, потребно е да се реши прашањето како да им се овозможи на војниците на бојното поле да гласаат и да се спроведат потребните законски измени.
„Сега барам, и отворено го изјавувам ова, од Соединетите Американски Држави да ми помогнат. Заедно со нашите европски партнери, можеме да ја обезбедиме безбедноста потребна за одржување избори. Доколку тоа се случи, Украина ќе биде подготвена да одржи избори во следните 60 до 90 дена“, рече Зеленски, додавајќи: „Јас лично имам волја и подготвеност да го сторам тоа.“
Украинскиот претседател ги повика пратениците да подготват законски предлози што би овозможиле измени на изборниот закон за време на воена состојба.












