Украина е подготвена за состанок на највисоко ниво со руското раководство доколку Москва навистина покаже сериозност и подготвеност за прекин на војната и воспоставување праведен и траен мир, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски како одговор на наводите на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија во принцип е подготвена за преговори.
Како што објави агенцијата РБК Украина, Зеленски во објава на „Телеграм“ изјави дека Киев ги поздравува напорите на сегашниот американски претседател, Доналд Трамп, за прекин на војната и постигнување стабилен мир, заблагодарувајќи им се на земјите што ги поддржуваат мировните иницијативи.
„Доколку пораките што доаѓаат од Русија навистина одразуваат подготвеност за прекин на војната и воспоставување траен мир, а не само купување време за продолжување на конфликтот и избегнување санкции, Украина ја потврдува својата подготвеност да се сретне со лидерите во секое време“, рече Зеленски.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека Русија е подготвена за преговори, но под условите што претходно ги наведе, вклучително и неутралниот статус на Украина и повлекувањето на нејзините сили од неколку источни и јужни региони, пренесува „Танјуг“.
За време на неодамнешните разговори во Истанбул, украинската делегација предложи одржување состанок на лидерско ниво до крајот на август, на кој, покрај Зеленски и Путин, би учествувале и претседателите на Турција, Реџеп Таип Ердоган и на САД, Доналд Трамп.