Зеленски доби “карт бланш“ да ја нападне Москва? Русија подготвува остар одговор

843
EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Русија се подготвува за силен одговор доколку украинските сили се обидат да извршат напад врз Москва, што, според некои медиуми, би можело да биде охрабрено од изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп.

Москва беше потресена од објавата на Трамп на социјалната мрежа Truth Social, во која тој го критикуваше својот претходник Џо Бајден за тоа што „не ѝ дозволува на Украина да ја нападне Русија“, велејќи дека „е невозможно да се добие војна без да се нападне Русија“. Упатените веруваат дека Трамп ефикасно му дал „карт бланш“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски да размисли за напад врз руската престолнина.

Реакцијата на Кремљ беше моментална. Помошникот на претседателот Јуриј Ушаков го контактираше доверливиот човек на Трамп, Стив Виткоф, барајќи од него да „разговара со својот претседател“. Москва рече дека евентуалната реализација на овие закани би го оневозможила решавањето на украинската криза и подобрувањето на односите со Соединетите Држави.

Наспроти овие случувања, Киев објави почеток на сериско производство на ракетата Фламинго со долг дострел. „Доколку украинските сили одлучат да ја нападнат Москва, одговорот на Кремљ ќе биде таков што „Орешник“ ќе им изгледа како детска играчка“, се наведува во една од анализите, пренесува српска Политика.

Дополнителна загриженост предизвикуваат извештаите за можното распоредување на американски извидувачки авиони во Романија, чија активност им претходи на нападите врз Крим и Кримскиот мост. Политикологот Вадим Аве оценува дека „дипломатијата на Трамп била само камуфлажа за подготовка на војната на Западот со Русија и поголема улога на НАТО во операциите“.

Во овој контекст, на 22 август, рускиот претседател Владимир Путин оствари ненадејна посета на Саров, градот каде што е создадено советското нуклеарно оружје, испраќајќи сигнал дека потенцијалот за одвраќање е подигнат на највисоко ниво, пишува Политика.

„САД се далеку, но цената ќе ја платат Украина, а можеби и Европа. Не чекаме непријателот да удри – подготвени сме да одговориме“, рече публицистот и учесник во специјални операции Танај Чолханов.

ИЗДВОЕНИ