Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со Вселенскиот патријарх Вартоломеј, кого го информираше дека руската војска не ги запрела нападите дури ни за време на Бадник и Божиќ, кој денес се слави според Грегоријанскиот календар, објавија украинските медиуми.
„За жал, руската војска не ги запре бруталните напади врз Украина, енергетскиот сектор и нашиот народ дури ни на Бадник и Божиќ. Во многу од нашите градови и села нема електрична енергија“, напиша Зеленски на својот Телеграм канал.
Тој додаде дека руските сили денес повторно ги нападнаа градовите во источна Украина, објави агенцијата „Укринформ“.
„Во Чернигов, за време на разговорот со патријархот, екипите им пружаат помош на повредените во нападот со руски беспилотни летала врз обична станбена зграда“, рече Зеленски, додавајќи дека станува збор за варварски напади од оние кои дури и не го почитуваат Бога.












