Зеленски до Американците: Не вршете притисок за избори, тоа не е она ни е потребно сега

26
Фото:принскрин, „Икс“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека разговарал за правни и други прашања поврзани со можноста за одржување избори со украинскиот парламент и ги повика другите земји, вклучително и САД, да не вршат притисок по ова прашање, пренесе „Хина“.
Зеленски во вторникот изјави дека е подготвен да одржи избори во рок од три месеци доколку САД и другите сојузници на Киев се во можност да ја обезбедат безбедноста на гласањето. Ова беше одговор на коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој сугерираше дека украинската влада ја користи војната како изговор за да избегне избори.
Зеленски во вечерното видео обраќање рече дека имал „важна дискусија“ со пратениците во парламентот, додавајќи дека нема да дозволи „какви било негативни шпекулации за Украина“.
„Ако партнерите, вклучително и нашиот клучен партнер во Вашингтон, до тој степен и толку конкретно ги споменуваат изборите во Украина, избори во воена состојба, тогаш мора да дадеме одговори на секое прашање и секое сомневање од украинскиот закон“, рече тој. „Не е лесно, но притисокот по ова прашање дефинитивно не е она што ни треба. Очекувам парламентарните претставници да ги презентираат своите ставови. Безбедносните предизвици зависат од партнерите, првенствено од Америка. Украина мора да одговори на политичките и правните предизвици. Украина ќе одговори“, рече Зеленски.
Изборите за време на војна се забранети со закон, но Зеленски, чиј мандат истече минатата година, се соочува со обновен притисок од Трамп да одржи избори.
Рускиот претседател Владимир Путин долго време го нарекува Зеленски „нелегитимен“ партнер во преговорите затоа што не се согласил на повторно гласање.
Претседателот на Украина и други функционери ја отфрлија идејата за одржување избори додека руските воздушни напади се чести низ целата земја, речиси еден милион војници се распоредени на бојното поле, а милиони Украинци се раселени.

ИЗДВОЕНИ