Зеленски ѝ стави сопка на борбата против корупцијата, Украинците се кренаа  на протести

474

Парламентот во вторникот усвои амандмани што му даваат на главниот обвинител строга контрола врз Националната антикорупциска канцеларија на Украина и врз Специјализираното обвинителство за антикорупција (НАБУ и САПО). Обвинителот сега има право да ги префрла случаите и да преместува обвинители, со што, според шефот на НАБУ, Семен Кривонос, се загрозува целата антикорупциска инфраструктура. Ограничувањето на автономијата на двете агенции не ги крена на нозе само Украинците туку и Брисел, кој го опиша ова како „сериозен чекор назад“ и изрази „длабока загриженост“, зашто спречувањето на корупцијата е услов за пристапување на земјата кон ЕУ

 

 

Илјадници Украинци, наспроти полицискиот час, демонстрираа во Киев, Лавов, Днепар и во Одеса, излегувајќи на најголемите јавни протести по руската инвазија, незадоволни од новите законски решенија во борбата против корупцијата во земјата, која, според експертите, е ендемска.

Парламентот во вторникот усвои амандмани што му даваат на главниот обвинител строга контрола врз Националната антикорупциска канцеларија на Украина и врз Специјализираното обвинителство за антикорупција (НАБУ и САПО). Обвинителот сега има право да ги префрла случаите и да преместува обвинители, со што, според шефот на НАБУ, Семен Кривонос, се загрозува целата антикорупциска инфраструктура.

– Овој потег е директен удар врз системот за борба против корупцијата, уништува сè што е постигнато – објави Кривонос на социјалните мрежи и го повика Зеленски да не брза со потписот, но тој го потпиша законот доцна во вторникот додека беа протестите во ек, оглушувајќи се и на повиците на демонстрантите да стави вето.

Она што го вклучува алармот е тоа што претседателот на државата го назначува обвинителот, па со ова ограничување на автономијата на двете антикорупциски агенции, кои се од голема важност за спроведување на реформите, борбата со корупцијата во Украина практично е во рацете на претседателот Володимир Зеленски. Амандманите се усвоени откако претходно независните истражители на антикорупциските агенции засрамија високи украински функционери со обвиненија за корупција.

Ограничувањето на нивната автономија не ги крена на нозе само Украинците туку и Брисел, кој го опиша ова како „сериозен чекор назад“ и изрази „длабока загриженост“. Спречувањето на корупцијата е услов за пристапување на Украина кон Европската Унија, но и за добивање милијарди долари помош од Запад.

– Отстранувањето на основните заштитни механизми што ја штитат независноста на организацијата НАБУ е сериозен чекор назад – напиша еврокомесарката Марта Кос на „Икс“.

Демонстрантите го споредија Зеленски со поранешниот претседател, Виктор Јанукович.

– Денес, во суштина, се враќаме на 16 јануари 2014 година, времето кога се соочи нашата земја со заканата од диктатура – изјави 40-годишната адвокатка Марина за „Киев индепендент“.

Таа се осврна на денот кога украинскиот Парламент, предводен од тогашниот претседател Виктор Јанукович, донесе закони со кои се забрануваа масовни протести и слобода на говорот во текот на револуцијата на Евромајдан.

– Ако не стави вето, тоа е плукање во лицето на секоја мајка, жена и дете што изгубиле близок на фронтот. Тоа е газење врз споменот на сите оние што загинаа за нашите слобода, достоинство и независност – додаде таа, потсетувајќи дека Јанукович бил соборен од власт по малку повеќе од еден месец, а ова сега се случува во вонредна состојба, кога многу граѓани не се во можност да ги заштитат своите права.

Ден пред усвојување на амандманите и потписот на Зеленски, беа уапсени двајца службеници на НАБУ поради наводни врски со Русија, а почнаа и опсежни истраги против вработени во агенциите, од други причини. Со ова му се отвора патот на главниот обвинител, Руслан Кравченко, кој му е лојален на Зеленски, да им ги префрли истрагите за корупција на потенцијално попослушните истражители.

Во своето обраќање откако го потпиша указот, Зеленски ја критикуваше ефикасноста на антикорупциската инфраструктура на Украина, велејќи дека случаите „лежат неактивни“.

– Нема рационално објаснување зошто „висат“ кривичните постапки, вредни милијарди, со години – предупреди тој и додаде дека главниот обвинител ќе обезбеди „неизбежна казна“ за оние што го прекршиле законот.

НАБУ и САПО беа основани по револуцијата на Мајдан во 2014 година, со која беше соборен прорускиот претседател Јанукович, а Киев се сврте кон Западот. Двете агенции ја забрзаа работата во текот на војната, поднесувајќи обвиненија против пратеници, министри и против поранешниот заменик-шеф на администрацијата на Зеленски.

Активистите против корупцијата се вознемирени откако овој месец властите го обвинија водечкиот антикорупциски активист за измама и за избегнување на воената служба. Критичарите го претставија ова обвинение како политичка одмазда поради разоткривање на корумпираните функционери.

 

 

ИЗДВОЕНИ