Милијана Богданоска, еколошки правник во „Екосвест“ посочува дека само за две недели откако е отворен „Зелениот телефон“ се пристигнати повеќе од 30 пријави од кои 17 се уредно поднесени од страна на граѓаните и се во постапка на решавање. Најголем дел од пријавите се за отпад и нелегални депонии на територијата на целата држава, а може да се пријават прашања или проблеми од областа на урбаното живеење, енергијата, воздухот, загадувањето на води, природата и слично. Правниот тим на „Екосвест“ им дава правна поддршка на оние граѓани што сакаат самите да го решат проблемот преку институциите, но и самите процесуираат еколошки проблем до надлежните.
На „Зелениот телефон“ на „Екосвест“, кој е во функција од средината на минатиот месец, пристигнуваат сè повеќе пријави од граѓани кои посочуваат на еколошки проблеми во местото на живеење или во нивниот град. Правниот тим на „Екосвест“ им дава правна поддршка на оние граѓани што сакаат самите да го решат проблемот преку институциите, но и самите процесуираат еколошки проблем до надлежните.
Милијана Богданоска, еколошки правник во „Екосвест“ посочува дека само за две недели, на „Зелениот телефон“ се пристигнати повеќе од 30 пријави од кои 17 се уредно поднесени од страна на граѓаните и се во постапка на решавање.
– Од сите пријави, шест се веќе решени. Најголем дел од пријавите се за отпад и нелегални депонии на територијата на целата држава и беа решени два-три дена по постапувањата од општински комунални редари и комунални инспектори. Граѓаните беа изненадени дека проблемот може да се реши, ако малку се потрудат. На второ место по пријави се загадување на водите и уништување на природата. Позитивно е што многу од граѓаните веќе самостојно презеле чекори за решавање на проблемите, но бараат и совет како да продолжат понатаму и која би била следната инстанција, доколку не успеале во нивните првични напори – нагласува Богданоска.
Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на „Екосвест“ вели дека граѓаните може да пријават проблем на „зелениот телефон“ 071-600-333. Таа нагласува дека целта на „Екосвест“ преку „Зелениот телефон“ е да развие континуиран однос на соработка и доверба помеѓу граѓаните и органите надлежни за решавање на еколошките проблеми. Истовремено ја подигнува и јавната свест за важноста од личен ангажман на граѓаните во откривањето и во пријавувањето, а со тоа и надминувањето на еколошките проблеми.
– Тоа е бесплатна телефонска линија која има дополнителна алатка – официјален формулар која се прикачува на веб-страницата на „Екосвест“ кој граѓаните можат да го пополнат заедно со дополнителна информација за случајот за да може нашиот правен тим да го разгледа проблемот и да пристапи кон негово решавање и советување на граѓаните тој да биде решен. Живееме во време каде што граѓаните главно искажуваат незадоволство од проблеми во животната средина – имаме загадување од секаков вид, штети врз природата и едноставно се чувствуваат немоќни сами да ги решат тие проблеми и очекуваат институциите или некој друг да го реши. Ние сакаме да бидеме мостот меѓу граѓаните и институциите и да помогнеме побрзо и поефикасно да се решаваат овие проблеми, а со тоа и да се подигне јавната свест за потребата да си ја чуваме животната средина и активно да се вклучиме во надминување на еколошките проблеми – истакна Чоловиќ Лешоска.
Преку „Зелениот телефон“ може да се пријават прашања или проблеми од областа на урбаното живеење, отпадот, енергијата, воздухот, загадувањето на води, природата и слично.
– Тука сме да им помогнеме на граѓаните да изнајдат начин да стигнат до одговор од институциите. На граѓаните им нудиме бесплатно правно советување околу тоа кој документ им е потребен и до која институција да се испрати со цел да го решат самостојно, а ако не се во таква можност ние во нивно име би постапиле до институциите за предложениот проблем. Со тоа сакаме да се мрдне од оваа точка на летаргија на институциите што ја гледаме секојдневно. Дополнително, соработуваме со адвокатски друштва кои можат да помогнат во областите на загадувањето, но и кога се задира во имотно-правните односи (експропријација) за гасовод или ископ, а кои имаат влијание врз животната средина – вели Марко Мучевски, исто така од тимот еколошки правници на „Екосвест“.
Кампањата и видеата за промоција на алатката веќе се направени, идејниот творец Војо Иванов вели дека тие се наменети за социјалните мрежи, а би требало да ги поттикне институциите да излезат од летаргијата, но и за граѓаните кои ги детектираат проблемите, а се немоќни да ги решат.
– „Зелениот телефон“ е алатка за да го проследи проблемот понатаму во системот. „Зелениот телефон“ не е со идеја дека ние треба да дојдеме и да го исчистиме отпадот или проблемот да го решиме директно на самото место. Идејата е да го лоцираме и да го адресираме до надлежната институција таа да го реши. Сакаме да ја анимираме интернет-публиката за идентификување на точниот проблем, да се направи некаква категоризација и понатаму да им помогнеме да го решат – нагласува Иванов.
(С. Бл.)