Градскиот совет на Амстердам одлучи да го забрани рекламирањето на отворено за производи и услуги што се потпираат на фосилни горива, што ќе значи отстранување на билбордите за автомобили со бензински и дизел мотори од градските улици.
Забраната важи и за рекламирање за воздушен сообраќај и други форми на патување што користат фосилни горива.
Според достапните податоци, рекламирањето поврзано со фосилни горива моментално сочинува нешто повеќе од четири проценти од целото рекламирање на отворено во Амстердам. Иако одлуката е формално усвоена, сè уште не е сосема јасно кога рекламите за бензински и дизел пумпи дефинитивно ќе исчезнат од површините на градот.
Забраната треба да стапи на сила на 1 мај, но постои можност за проблеми поради претходно потпишаните договори за рекламирање, што би можело да го одложи нејзиното целосно спроведување. Градските власти сè уште не прецизирале како ќе се постапува со овие договори.
Со оваа одлука, Амстердам им се придружува на другите холандски градови како што се Хаг, Најмеген и Утрехт, кои веќе воведоа слични забрани со цел да се намали влијанието на фосилните горива и да се поттикнат поодржливи форми на мобилност.
Важно е да се напомене дека забраната важи само за рекламирање на отворено. Производителите на автомобили сè уште ќе можат да рекламираат возила со бензински и дизел мотори на телевизија, радио, интернет и други медиумски канали.












