Нова фотоволтаична централа ќе ги опслужува енергетските потреби на Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово. Централата е донација на ОКТА, а проектот е дел од активностите на компанијата за унапредување на квалитетот на животот на заедницата во објекти од јавен интерес.
Главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, нагласи дека компанијата останува посветена на реализацијата на инвестициите во зелена енергија, кои имаат значајно позитивно влијание во заедницата.
Новата фотонапонска централа ќе има годишно производство од 53.46 MWh зелена енергија. Со нејзиното функционирање, Центарот за обука ќе ја намали емисијата на CO₂ за 42.7 тони годишно, што претставува значаен придонес кон намалувањето на јаглеродниот отпечаток и кон заштитата на животната околина.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, нагласи дека донацијата ќе има големо влијание врз напорите за што поголемо користење на зелената енергија во јавните институции и додаде: „Во рамките на својата долгогодишна соработка со МВР, ОКТА активно придонесува кон зголемување на безбедноста во сообраќајот преку платформата „Јас внимавам“. Како дел од оваа кампања, компанијата донираше фотоволтаични сообраќајни знаци поставени во близина на повеќе основни училишта, со цел подобра заштита на најмладите учесници и подигање на јавната свест за одговорно учество во сообраќајот“.
Последната донација е дел од континуираните инвестициите на ОКТА во обновливи извори на енергија. Компанијата досега донираше фотоволтаични системи на повеќе образовни институции, односно училишта и градинки низ државата. Во наредниот период се планирани уште неколку инсталации на фотоволтаични системи на јавни установи како донација од ОКТА. Со вложување во зелени енергетски решенија и партнерства со институциите, ОКТА ја потврдува својата долгорочна посветеност кон енергетската транзиција и создавање почиста и одржлива околина.












