За 20 години, промените на климата ѝ предизвикале на Македонија загуби од над 650 милиони долари. Управувањето со климатските ризици и со зелените финансии во земјава е во рана фаза
Климатските промени во изминативе 20 години ѝ предизвикале на Македонија штети од над 650 милиони долари, додека на глобално ниво загубите се мерат на милијарди долари на годишно ниво. Во такви услови, потребно е да се изгради зелен и стабилен финансиски сектор, кој ќе може да одговори на климатските предизвици, беше посочено на Конференцијата за климатските ризици и за финансиската стабилност во Скопје, во организација на Народната банка и на Фондот за зелен развој.
Неодамнешно истражување спроведено од Народната банка и од Европската инвестициска банка покажа дека само 5 % од компаниите во земјава имаат планови за справување со климатските ризици и дека управувањето со климатските ризици и со зелените финансии е во рана фаза.
Гувернерот Трајко Славески нагласи дека Народната банка ги засилува активностите за управување со климатските промени.
– Климатските промени сè поинтензивно влијаат врз економиите и врз финансиските системи, а ризиците поврзани со климатските промени претставуваат значаен фактор што влијае врз ценовната и врз финансиската стабилност. Поради тоа, централните банки веќе ги интегрираат овие ризици во аналитичките и во супервизорските рамки. Пристапот на Народната банка ги следи меѓународните практики. Анализите за влијанието на климатските ризици врз банкарскиот систем се составен дел од нашиот извештај за финансиската стабилност, а тековно се работи на развивање климатски сценарија и стрес-тестови – истакна гувернерот Славески.
Тој посочи дека меѓународната заедница предупредува за високите трошоци од задоцнета акција.
– Декларацијата на меѓународната мрежа за зелени финансиски системи укажува дека тригодишно доцнење во климатската транзиција може повеќе од двојно да ги зголеми глобалните економски трошоци до 2030 година. Свесноста расте и кај регулаторите и кај банкарскиот сектор, но потребни се континуирани и координирани напори. Анализите на ММФ покажуваат дека е потребно да се зголеми уделот на приватниот сектор во финансирањето на економиите во развој од сегашните 40 на 90 проценти до 2030 година, што ја нагласува потребата за силна соработка меѓу владите, меѓународните институции и финансискиот сектор – рече Славески.
Климатските ризици, според првата заменик-гувернерка на централната банка на Германија, Сабине Маудерер, може да имаат директни последици врз стабилноста на цените, финансиската стабилност и врз економскиот раст.
– Многу централни банки веќе ги интегрираат климатските ризици во финансиската супервизија и во макропрудентните политики. Истовремено, бараат од банките да ги зајакнат своите модели и рамки за климатски ризици. Во Европа веќе има климатски стрес-тестови со цел подобро разбирање како може да влијаат климатските ризици врз финансиската стабилност – истакна Маудерер во видеообраќањето.
Директорот на Фондот за зелен развој, Борислав Костадинов, рече дека пред 15 години никој немало да верува дека климатските ризици ќе имаат суштинска улога на конференција за централните банки, но еве, сега се случува тоа.
– Основата на климатските ризици се префрли од маргините и сега е во главен фокус и е во центарот на финансиската сфера. 2024 година беше најтопла година во историјата, надминувајќи го прагот на сите досегашни нивоа. Се покажува дека 2025 година ќе биде многу малку поладна од претходната. Температурите, кои растат, поттикнуваат природни катастрофи – рече Костадинов.
(С. Бл.)












