Зелен хуман град ги кани на обиколка на Градскиот парк сите кои сте заинтересирани, со цел поголема информираност и вклученост во внимателниот третман на, како што велат последната скопска оаза, откако беше обзнанета информацијата дека е издадено одобрение за сеча на 113 дрвја и кастрење на 303 дрвја во овој парк. Оваа обиколка е договорена заедно со Секторот за комунални работи на Град Скопје и професор на Шумарскиот факултет за денеска во 12:45 часот од пред главната капија на Град Скопје.
-Доколку си шумарски инженер, експерт од областа на зеленилото, медиум, студент или граѓанин загрижен за зеленилото во Скопје, дојди со нас и искористи го своето право директно да влијаеш врз одлуки кои те засегаат – повикуваат од Зелен хуман град.
Оттаму додаваат дека во таа обиколка ќе се посетат засегнатите дрвја и ќе може да се слушне зошто се обележани за сечење/кастрење, што довело до таа ситуација и што се плановите за ремедијација доколку дојде до интервенција врз зеленилото.