Извршниот директор на Мекларен, Зак Браун, верува дека нема да има сериозен судир меѓу Ландо Норис и Оскар Пјастри, дури и додека нивната борба за титулата е на највисоко ниво. Тој очекува двајцата тимски колеги повторно да имаат близок контакт на патеката, како што беше случајот во Канада, кога Норис удри во задниот дел од болидот на Пјастри.

  • Не мислам дека ќе има вистински судир поради начинот на кој комуницираме, меѓусебната доверба и почит што постои меѓу нив и во тимот. Имаме среќа што ги имаме тие личности. Сакаме предизвици и со нетрпение го очекуваме нивното натпреварување, порача Браун.

Со победата на трката за Големата награда на Унгарија, Норис го намали водството во генералниот пласман на Пјастри на девет бода пред летната пауза во шампионатот во Формула 1. Сезоната продолжува на крајот на август со трка во Холандија.

Браун рече дека очекува фер борба меѓу неговите тимски колеги и додаде дека не забележал никакви знаци на непријателство.

  • Ги прашав двајцата – дали некогаш некој тимски колега направил нешто што би ве вознемирило? Двајцата рекоа: „Никогаш“. Секако, конкуренцијата расте. Ќе има тензии како што продолжува трката за титулата. Ландо ја призна грешката во Монтреал, Оскар разбра, тоа беше несреќа, порача Браун.

Тој додаде дека очекува повеќе инциденти, но дека е уверен дека тие нема да бидат намерни.

  • Сигурен сум дека никогаш намерно нема да се турнат еден со друг надвор од патеката, бидејќи тогаш се создава злобна крв, рече Браун.

Мекларен, рече тој, е подготвен да реагира доколку се појават какви било тензии.

  • Ако нешто почне да врие, ќе се справиме со тоа веднаш, отворено и директно. За разлика од другите тимови каде што се гледа дека конфликтите меѓу возачите се развиваат бавно, сакаме веднаш да го пуштиме воздухот од балонот, но досега не сме виделе ништо што нè загрижува, додаде Браун.

ИЗДВОЕНИ