Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, упати повик до сите здруженија и фондации кои дејствуваат на територијата на оваа Општина да се пријават за финансиска поддршка за 2026 година.
– Ги повикувам сите здруженија и фондации што имаат добра идеја и квалитетен проект да се пријават на јавниот повик и да ја искористат можноста за финансиска поддршка – истакна Герасимовски.
Средствата се наменети за поддршка на локалната заедница, со фокус на развојот на микробизнисите, програмите и проектите за млади, социјалните услуги, родовата еднаквост, заштитата на животната средина и образованието за возрасни.
Герасимовски посочи дека невладините организации се докажани партнери на општината, промотори на позитивни вредности и нови идеи.
Рокот за поднесување пријави и документација е 10 дена од денот на објавувањето на веб-страницата на Општина Центар.
Пријавите може да се достават преку пошта на адресата Општина Центар, улица „Михаил Цоков“, број 1, или во Архивата на Општина Центар (барака 6) од 9 до 15 часот.












