Здравко Чолиќ, миленикот на македонската публика, по првиот скопски концерт: Како на некоја музикотерапија, со евергрини што даваат голема волја за живот

9224

Пред некој ден, тој наполни 74 години, а има сила како некое момче и не застана три часа, од почетокот до крајот на својот прв концерт од вкупно трите распродадени во скопската арена „Борис Трајковски“. Не за бадијала ја споредуваат неговата виталност со онаа на славниот Мик Џегер. Кој ако не вечно распеаниот, неуморен, мегапопуларен, вистинска естрадна ѕвезда – Здравко Чолиќ.    Со песната „Синоќ ниси била ту“ од далечната 1972 година, Здравко Чолиќ стана популарен, а тоа е и денес, во оваа 2025 година. Во тој временски интервал се изредија огромен број хитови. Многу од нив повторно ги слушнавме во арената, воодушевени од тоа што не загубиле ништо од својата свежина, како и самиот Здравко, голем миленик на македонската публика.

По овој прв скопски концерт, следуваат уште два, утре и во среда. Билетите се одамна распродадени. Феноменот Здравко Чолиќ трае, без најава дека може да згасне. Нема причина за такво нешто. Концерт на кој сите се „туткаа“ како во мравјалник, иако е со седење, на едно високо културно-музичко ниво. Не беше тоа театар, не беше стегната камерна атмосфера, тоа беше концерт за кој долго ќе се прераскажува.

Всушност, тоа е Здравко, со својата харизма, мамка за публиката, а особено за женскиот дел. Дамите не издржаа (не на овој прв концерт), па врескаа на цел глас кога го довикуваа неговото име од првите редови. Се разбира, од премногу љубов кон него и кон вечните песни: „Станица Подлугови“, „Ја и ти смо јужњаци“, „Пјесмо моја“, „Једна зима са Кристином“, „Гори ватра“, „Продужи даље“, „Звао сам је Емили“, „Што ти дадох“… И вистина е дека Чолиќ, со пеењето, ни ја даде таа потребна позитивна енергија, како да бевме на некоја музикотерапија со голема волја за живот.               (Дуле Миќиќ / фото “ВЕЧЕР“)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ