„Здрави корења – полни трпези“, фестивал на биодиверзитетот

69

„Слоу фуд – Водно“, со поддршка од „Слоу фуд Македонија“, утре, по четврти пат го организира Фестивалот на биодиверзитетот – празник на автентичноста, локалното производство, здравите корења и на полните софри.

Организаторите најавуваат дека фестивалот што ќе се одржи во „Паблик рум“, од 10:00 до 18:00 часот и дека ќе биде настан на кој храната ќе раскажува приказни за зачуваните сорти, за вредните раце што нежно ги негуваат и за трпезите што се полнат со добра и чиста храна.

– Овој пат, во фокусот ќе биде планинскиот чај, чие мирисно и лековито богатство ќе ни го открие Самет Абдули од Ростуше, Маврово, чувар на традицијата и раскажувач на билкарските тајни на планината. Бостание, нашата општествена градина, преку работилница ќе нè воведе во светот на семенските топки – мал, но моќен начин за враќање на природата во нашите животи. За најмладите посетители, точно напладне ќе оживее магијата, и тоа преку Кристијан, магионичар што со својот едукативен настап ќе покаже дека и храната може да биде вистинска магија. Пекарницата „Пан Пан“ ќе одржи работилница за киселото тесто, на која љубителите на автентичниот леб ќе имаат можност да научат како да создадат свој „жив“ леб, кој расте полека, но со душа – наведуваат организаторите во најавата за фестивалот.

Целта и оваа година е поддршка за малите производители, кои ја чуваат традицијата, но чекорат со современите вредности и трендови.

На фестивалот ќе учествуваат над 25 „слоу фуд“ производители од цела Македонија. Покрај храна, ќе има и музика – зад диџеј-пултот ќе биде Соул Кејс. Фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

ИЗДВОЕНИ