Зборовите од рефренот на култната песна „Погледај дом свој, анѓеле“ се испишани на гробот на Бора Чорба   

52

Една година од смртта на легендарниот рокер! Бора бил голем бунтовник кој се борел против неправдите што владееле во социјализмот. Eднаш за малку ќе завршел зад решетки кога на некоја тонска проба пред концерт откажал големиот звучник од марката „маршал“. Бора Чорба, кога го видел тоа, во свој стил гласно викнал во микрофонот, двосмислено: „Цркна Маршалот“!

Пред неколку дена, српската и ексјугословенската рок-сцена ја одбележаа годишнината од смртта на легендарниот Борислав Ѓорѓевиќ, попознат како Бора Чорба, основачот и шефот на култната група, „Рибља чорба“. За време на своето постоење со него, групата остави една куп рок-хитови кои и денес сите ние ги пееме на рок-забави, седенки, дружења: „Волим, волим жене“, „Док ходаш“, „Два динара друже“, „Остани ѓубре до краја“, „За идеале гину будале“, „Авиону, сломиќу ти крила“, „Немој да идеш мојом улицом“…. Хит до хит! И, секако, најслушаната и најпеаната, „Погледај дом свој, анѓеле“, која, според многумина, е најдобрата песна од бендот „Рибља чорба“, а можеби и една од десетте најдобри во времето на југословенската естрада.

Зборовите од рефренот на песната сега стојат испишани на плочата на вечното почивалиште на Борислав Ѓорѓевиќ.                                                                            Занимливо за песната е и податокот дека Бора Чорба секој концерт го завршувал со неа. И по своја желба, но многу повеќе по желба на публиката.
Оваа култна песна настанала во 1985 година како дел од тиражниот албум „Истина“.
Песната го носи истото име како романот на Томас Волф, во кој се раскажува за американската економско-воена криза. А една слична криза која се случи тогаш во Титова Југославија, Бора Чорба ја прераскажа токму во таа песна. Тогашните југословенски власти најпрво ја забранија на радио и на ТВ-станици, но отпосле видоа дека направија грешка. Немаше потреба од таквите забрани, песната можеше слободно да се слуша, со образложение дека нема држава која никогаш не се соочила со криза, па ниту СФР Југославија по смртта на Тито не беше исклучок.Откако беа симнати забраните, почна масовно да се слуша „Погледај дом свој, анѓеле“. Во тие години Бора бил голем бунтовник кој се борел против неправдите кои владееле во социјализмот. Дури еднаш за малку ќе завршел зад решетки кога на една тонска проба пред концерт откажал големиот звучник од марката „маршал“. Бора Чорба, кога го видел тоа, во свој стил гласно викнал во микрофонот, двосмислено: „Цркна Маршалот“!

Премногу, нели, двосмислено, а доволно за властите го сфатат тоа како голема навреда упатена на адресата на веќе починатиот југословенски Маршал Тито.
– Инаку, хитот „Погледај дом свој, анѓеле“ јас ја напишав во некои необични ситуации, велеше тогаш Бора. – Всушност, долго време ја пишував за да бидам самиот поетски среќен од секој напишан збор.

Во врска со песната, Бора се присети и на тоа како на железничка станица во Виена, хорот на „Првото српско пејачко друштво“ ја испеа таму. – Стоев на некоја празна платформа, гледав и плачев. Тие пееја токму како ангели. Тоа беше прв и последен пат во историјата на австриските железници возот да доцни при поаѓање, бидејќи го пуштија дури кога хорот заврши со ова трогателна песна. Тоа е сериозна песна со јасна порака, а толку многу слушана од Вардар до Триглав, емотивно зборуваше легендарниот Бора Чорба. (Д. М.)

ИЗДВОЕНИ