„Зборовезница на едно новинарско перо“ е насловот на книгата на Милена Лазова, промовирана завчеравечер во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, во присуство на голем број нејзини пријатели, роднини, колеги, но и музичари, уметници, писатели… и секако љубители на пишаниот збор и песната, онаа македонска, исконска, седумосминска. А во книгата, како што ни кажа и самата авторка, се поместени интервјуата и разговори кои таа, како новинар во неделникот „Македонско сонце“, ги има направено со доајените на македонската музика, народна и забавна, меѓу кои Александар Сариевски, Васка Илиева, Виолета Томовска, Наум Петревски…, но и со Тоше Проески, групата „Леб и сол“… . Со македонските музички легенди кои го одбележаа времето во кое живееја и твореа и чие име за навек останува во архивите на македонското музичко наследство. А самиот настан почна со орото „Беровка“ на убавите игроорки од Едукативното здружение 7/8.
Како што на промоцијата кажа една од рецезентките на книгата, познатата поетеса, писателка, доајен на радиоводителството Лилјана Стоилкова, оваа зборовезница во седумосминскиот чекор и ритам, е навезена со пребогатото јазично наше богатство, од пребогатиот наш фолклор – со песни, мелодии, чекори ороводни кои не водат кон излезот од секоја мака и болка, кон радоста и среќата.
„Секој збор обоен во мелодија, низ ороводниот седумосмински ритам ни дарува необичен и наслов и писание кое може само да не наполни со убавини и радости. Животот е платно, на кое можат да се насликаат, навезат сите негови чуда, да се обојат и опеат низ музичките инструментални и интерпретаторски струни…“, кажа Стоилкова. Таа исто така додаде дека ова дело е „фестивал од зборови и песни, ликови и интерпретатори, со многу пораки, поуки и аманети…“.
Виолета Калиќ претставник на Домот на културата „Кочо Рацин“- Скопје изрази задоволство од фактот што токму во овој објект се промовира книга која обединува голема културна сцена и која е поврзница на времето минато, сегашно, но е и поврзница со нашата иднина.
„Оваа книга е она битовото, автентичното, автохтоното. Со својот приод и непосредност, Лазова на еден несекојдневен начин ги документира, архивира и преточува во збор нештата кои оставиле белег. Верувам дека во нашата културна историја тие ќе го најдат своето место и за генерациите кои следат“, кажа Калиќ.
Промоторката Валентина Ѓоргиевска – Парго пак, својата добра колешка, со која изминатите 25 години заедно проследиле голем број музички настани, ја нарече гордост на македонското новинарство, а нејзината книга – првенче, сведоштво. Притоа таа се потсети и на бројни случувања и анегдоти од нивното дружење.
„Ова не е обична книга или само книга на собрани интервјуа, во оваа книга е архива и историја на еден народ, на едни случувања од цели 30 години“, кажа Ѓоргиевска-Парго. Таа во книгата на Лазова напиша: „Зборовезница“ е сведоштво на една сценска историја со национален предзнак, во пресек од три децении. Време во кое македонските легенди оставиле силни траги и значаен белег, а сега новинарката остава значаен белег во бележењето на тоа нивно создадено творештво…“.
Промоцијата беше збогатена и со музички перформанси на Васил Атанасов на обоа, Влатко Митев на тапан, а настапи и Сашко Митев, инструменталист и пејач. (Д.Т.)