Збирката „Рајсфершулс“ на Јулијана Величковска е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП 

32

Збирката „Рајсфершулс“ од Јулијана Величковска во издание на ПНВ Публикации е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик. Одлуката денеска на пре-конференција ја соопшти претседателот на петчлената жири-комисија, Санде Стојчевски.

Величковска, како што стои во образложението на жирито, во книгата се изразила преку еден посебен, обично поредок книжевен облик – песни во проза и на тој начин уште еднаш да го актуелизирала прашањето за граничните области и форми меѓу жанровите.

-Авторката, просто, како да не ги пишува своите лирски записи, туку како да ги сложува – како да ги компонира од вообичаени изрази, од потсетување на слушнати разговорни фрази, од наслушнување на прифатливо согласје на лексичките единици, внесувајќи разиграност на еуфониските својства и можности на консонантите и самогласките, извлекувајќи ги сите творбени својства на јазичниот материјал и доаѓајќи до автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект. Впрочем, тоа се најавува уште со необичниот наслов „Рајсфершлус“, истакна Стојчевски.

Тоа, нагласи, се специфичности и квалитети на првиот дел од книгата. Во вториот циклус, според жири-комисијата, нанесува уште еден семантички слој, главно со дијахрониски исход, зумирајќи врз природата и врз настаните поврзани со историските хероини што нејзе ѝ прават впечаток, но раздиплувајќи го текстот и на тој начин досипувајќи знаци, податоци и симболи од нашата современа цивилизација, поистоветувајќи го лирскиот субјект со дамнешните личности и судбини.

Величковска наградата им ја посвети на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан и на Драги Михајловски.

– Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Особено многу ми значи што бев меѓу овие петмина за мене прекрасни и драги колеги, поети.

Тоа што мене многу ме радува на овој Фестивал е што гледам дека генерациите се доближуваат и се надминуваат разликите и дека не се доживуваме едни со други како конкуренција туку како заедница и пријатели, рече Величковска.

Во најтесен избор, според жири-комисијата, влегоа Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска (Скопје: ПНВ Публикации, 2024) и „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски (Скопје: Макавеј, 2025).

ИЗДВОЕНИ