Деновиве ќе бидат поставени и канделабрите за улично осветлување и со тоа булеварот станува целосно подготвен за користење и добива модерен изглед. Паралелно, се уредува и паркот „Иднина“, кој ќе биде новото место за одмор и рекреација на штипјани. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, вели дека со овие проекти, Штип добива подобра инфраструктура, но и поубав изглед

 

Завршува асфалтирањето на булеварот „Партизанска“ во штипската населба Осми ноември – проект што значително ќе го подобри сообраќајот во овој дел од градот.

Деновиве ќе бидат поставени и канделабрите за улично осветлување и со тоа булеварот станува целосно подготвен за користење и добива модерен изглед. Паралелно, се уредува и паркот „Иднина“, кој ќе биде новото место за одмор и рекреација на штипјани.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека со овие проекти, Штип добива подобра инфраструктура, но и поубав изглед.

– Конечно, сите активности поврзани со булеварот ќе бидат финализирани. Деновиве ќе бидат поставени и канделабрите за осветлување. Сигнализацијата исто така е поставена и со тоа го завршуваме проектот, кој додава вредност во нашиот град –    изјави Јорданов.

Што се однесува до паркот „Иднина“, тој наведе дека ќе биде еден од најубавите паркови во државата и оти сигурно ќе го привлече вниманието не само на штипјани туку и на многу граѓани од околните населени места, кои специјално ќе доаѓаат да прошетаат и да уживаат во неговите убавини.

Во финална фаза е и изградбата на маркетот „Лидл“ и практично овој дел од градот ќе добие ново лице и нова функционалност – рече Јорданов.

Тој најави дека по завршувањето на булеварот „Партизанска“, фокусот ќе се префрли на новиот потег на булеварот „Гоце Делчев“ кон Три чешми. Паралелно продолжува и изградбата на обиколницата што ги поврзува населбите Пребег, Железничка и Плуждино.

– Булеварот „Гоце Делчев“, кој моментално завршува излезот од градот, со 1,6 километри  ќе се продолжи кон излезот на градот кон Три чешми. Со тоа, Штип ќе добие уште едно булеварско продолжување и ќе се подобри функционалноста, но и визуелниот изглед на влезот и излезот од нашиот град. Овде ќе ја напомнам и интензивната градба на обиколницата, која ги поврзува населбите Пребег, Железничка и Плуждино – нагласи Јорданов.

Тој додаде дека со завршувањето на овие проекти, Штип добива современа инфраструктура и уредени сообраќајници кои го олеснуваат движењето низ градот.

– Новите булевари и обиколницата ќе го направат градот пофункционален, поуреден и поубав за сите жители. Со овие инвестиции, Штип се позиционира како вистински центар на Источниот регион – заклучи Јорданов.

 

ИЗДВОЕНИ