ЗАВРШУВА КАМПАЊАТА ЗА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ, МЕТРОПОЛАТА ПРЕД НОВ ИЗБОР: ПОВЕЌЕ ЗЕЛЕНИЛО, ПОМАЛКУ ДЕПОНИИ…: Кандидатите си го кажаа своето, на потег се гласачите

Неколку стотици поголеми и помали проекти, мерки, активности, намери, планови, визии... се содржината на понудата која во изминативе дваесетина дена ја добија македонските граѓани како понуда од кандидатите за градоначалници и за општински советници. Од општина до општина, понудата за чие (не)прифаќање ќе се решава задутре пред гласачките места, делумно е слична, делумно различна, зависно од проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Изборната кампања, која завршува денеска на полноќ, најмногу донесе ветувања за поголема хигиена, почист воздух, подобри комунални претпријатија и нови сообраќајници, канализација, паркови, за превоз... Така е во речиси сите 80 македонски општини, посебно во Град Скопје, каде што ќе се случува најголема изборна битка меѓу дури 16 кандидати за градоначалник и 20 листи за советници. А шеснаесетте кандидати за наследник на актуелната градоначалничка, Данела Арсовска, нудат свои предлози и концепти кои дојдоа и до израз преку серијалот на интервјуата со нив кои во изминативе денови ги објави весникот ВЕЧЕР.

89

Неколку стотици поголеми и помали проекти, мерки, активности, намери, планови, визии… се содржината на понудата која во изминативе дваесетина дена ја добија македонските граѓани како понуда од кандидатите за градоначалници и за општински советници. Од општина до општина, понудата за чие (не)прифаќање ќе се решава задутре пред гласачките места, е делумно слична, делумно различна, зависно од проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Изборната кампања, која завршува денеска на полноќ, најмногу донесе ветувања за поголема хигиена, почист воздух, подобри комунални претпријатија, нови сообраќајници, канализација, паркови, за превоз… Тоа е така поради фактот што овие проблеми речиси доминираат насекаде во земјава, со таа разлика што сега добиваат алармантни размери и потреба од итно решавање. Но, ова не значеше дека 312 кандидати за градоначалници и 575 советнички листи не дале и свои оригинални идеи, предлози и ветувања со кои можат да го привлечат вниманието и да добијат гласови од избирачите.

Така е во речиси сите 80 македонски општини, така е посебно и во Градот Скопје, каде што ќе се случува најголема изборна битка меѓу дури 16 кандидати за градоначалник и 20 листи за советници. А шеснаесетте кандидати за наследник на актуелната градоначалничка Данела Арсовска нудат свои предлози и концепти кои дојдоа и до израз преку серијалот на интервјуата со нив, кои во изминативе денови ги објави весникот ВЕЧЕР. Тие пред очите на јавноста покажаа што планираат да направат кога е во прашање јавниот превоз во градот, хигиената, депониите, урбанизмот, заштитата на животните, проблемите на младите, па сè до состојбата со градските гробишта. На крајот, се покажа дека некои од нив за одредени проблеми имаат слични размислувања, за некои сосема различни. Тоа го покажува и вкрстувањето на нивните одговори за најгорливите градски проблеми.

Поддршка за БРТ, но и за екоавтобуси, воз, трамвај…

Врзано за јавниот превоз, еден од најтешките градски проблеми, неколкумина скопски градоначалнички кандидати отворено го ветуваа концептот на брз автобуски транспорт – БРТ, што се предлагаше и на локалните избори во 2021 година. Каја Шукова, кандидатката на коалицијата предводена од СДСМ, Башким Бакиу од коалицијата Вреди, Александар Трајановски од коалицијата „Искуство за успех“ од ГРОМ, независниот кандидат Драган Николовски… дадоа вакви ветувања сметајќи дека тоа е најдоброто решение.

– Нашето решение е јасен и ефикасен систем базиран на брз автобуски превоз (БРТ) и на 100 нови еколошки автобуси – ветуваше Шукова во кампањата.

Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, пак, најавуваше промени во работењето на ЈСП, но и „правење детална проверка за можноста на БРТ-системот“. Кандидатот Александар Рашковиќ, поддржан од ТМРО, довербата од граѓаните ја бара со ветувањето за комбиниран систем на превозот со трамвај, тролејбуси и електрични автобуси, Владимир Куновски, поддржан од Работничка партија, со интегрален транспортен систем со автобуси и железнички воз, Срѓан Амет од Унијата на Ромите, со електрични и хибридни автобуси…

За тоа што да се прави со депониите на подрачјето на Скопје, се чини, граѓаните добија слична понуда. Па така, за поранешната депонија „Вардариште“, Орце Ѓорѓиевски ветува голем парк со многу содржини.

– „Вардариште“ ќе го претвориме од симбол на урбано запоставување во европски пример за зелена рекултивација – најавуваше Ѓорѓиевски во кампањата.

И Башким Бакиу и Александар Трајановски таму планираат зелена зона. Кандидатката Каја Шукова вети целосно отстранување на „Вардариште“, кое потоа ќе се претвори во контролирана претоварна станица со 24-часовен надзор. Рекултивација ветува и Срѓан Амет, додека Александар Рашковиќ таму, по расчистувањето, на таа локација најавува изградба на ново Скопско сајмиште, а независниот кандидат Горан Марковски таму гледа нова урбана локација. Кандидатот на група избирачи, Сашо Маневски, пак, веќе направи пресметка дека од локацијата „Вардариште“ може да донесе четири милијарди евра со продажбата на расчистената локација.

Напоредно со ова, граѓаните ќе треба да се определат и за она што им го нудат кандидатите како концептот за јавна хигиена. Александар Трајановски им понуди идеја со која Градот Скопје би се грижел за хигиената во „Малиот ринг“ во центарот, додека општините би го чистеле ѓубрето по своите подрачја. Односно, општините би имале сопствени комунални претпријатија со поделбата на ЈП „Комунална хигиена“. Напоредно со ова, повеќе кандидати ветуваат промени во ЈП, професионализација во раководењето, нови концепти…

– Да се водиме по примерот на Загреб, односно, на „Загребачки холдинг“, кој е во целосна сопственост на градот, а има 12 подржници – предлага Владимир Куновски.

Милиони нови садници, хоризонталено ширење кон истокот, возобновување на „Скопскиот фестивал“…

И за проблемот со загадениот воздух се понудија најразлични решенија. Драган Николовски силно вети садење на дури 4 милиони нови садници на подрачјето на градот, Александар Трајановски казни за загадувачи, ориентација на пелети и парно греење, Александар Рашковиќ ќе ги сели загадувачите надвор од градот.  Орце Ѓорѓиевски ќе формира Екофондот од кој ќе се финансираат такви проекти, а Каја Шукова 15 паркови и субвенционирање на филтрите во оџаците на домаќинствата.

– Мојот опсежен план е следен: реформа во работењето на јавните претпријатија, заштеди во градскиот буџет, инспекции на терен. Ќе ги тргнам неспособните партиски директори и ќе поставам професионалци во сите јавни градски претпријатија. Со тоа ќе се заштедат пари за субвенции за набавка на инвертери и замена на печките – ветувањето на кандидатот на група избирачи, Сашо Маневски.

Заеднички неподелен став на кандидатите има и кај прашањето за неконтролираната урбанизација на градот и се ветува ред, законитост и водење сметка за потребите на граѓаните. Па така, Александар Куновски на граѓаните им понуди враќање на поранешниот Завод за урбанизам и оживувањето на месните заедници, Александар Рашковиќ понуди концепт со кој Скопје ќе „расте хоризонтално, а не вертикално“, а Александар Трајановски да се „развива кон периферните подрачја“. Орце Ѓорѓиевски планира меѓународен борд со експерти кои ќе даваат свое мислење за витални урбанистички прашања, додека Срѓан Амет има став дека Скопје треба „да се шири кон истокот и југоистокот“. Шукова, пак, на новиот ГУП ќе му даде „човечко лице“.

– Прво што треба да се направи за стопирање на оваа деструктивна градежна еуфорија е забраната за изработување на нарачани инвеститорски ДУП-ови – став е на независниот кандидат Горан Марковски.

Кандидатите се и на слична линија кога се работи за обновувањето на лунапаркот и на Зоолошката градина. Сите сметаат дека Скопје треба да добие модерен лунапарк и дека на тоа веднаш ќе работат. Каја Шукова вети дека тие ќе бидат „симболи на новото Скопје, а Владимир Куновски сака да го направи лунапаркот со концептот на јавно-приватно партнерство. Александар Трајановски планира тој да биде „регионален центар за забава“.

– Зоолошка градина ќе прерасне во урбан едукативен центар за биодиверзитет, а не само збир на кафези – е визија на кандидатот Срѓан Амет.

И младите гласачи во Скопје за кандидатите ќе судат според она што им го ветија како проекти. А кандидатите нудат стартап, центри за иновации, фестивали, забавни центри… Драган Николовски вети пет нови дискотеки и 8 кабаре клубови под капата на градски Младински културен центар, Александар Трајановски возобновување на „Скопски фестивал“…

– Скопје ќе стане вистински дом за младите. Ќе има поддршка за млади брачни парови во цел град. Ова подразбира до 100 проценти ослободување од комуналии при изградба на куќа за оние до 40 години. Со новиот ГУП инвеститорите ќе бидат обврзани најмалку 20 проценти од становите во нови проекти преку 3.000 метри квадратни да им се понудат по достапни цени на млади лица – вети Орце Ѓорѓиевски.

Не се разликуваа многу ниту концептите за решавање на проблемите со кучињата скитници кои се голем градски проблем. Кандидатот Рашковиќ нуди бенефиции за граѓаните кои ќе вдомуваат животни, Трајановски унапредување на работата на „Лајка“, како и Бакиу, Ѓорѓиевски… додека Куновски на граѓаните им гарантира дека со 80.000 евра трајно ќе го реши овој проблем.

– Моето решение е хуман и системски пристап: формирање на центар за хумано управување со популацијата, со контролиран пристап: „залови – стерилизирај – вакцинирај “, со евиденција, контрола на одгледувачите – предлог е на Каја Шукова.

Граѓаните во интервјуата и во кампањата слушнаа и тоа дека речиси сите кандидати се срамат од состојбата во која се наоѓаат градските гробишта во Бутел. Како од хигиената така и од скапите цени за погребни услуги. Кандидатот Трајановски им вети воспоставување „ред и ревизија на цените“, а Костадиновски домаќинско работење и нова локација. Куновски, пак, најави враќање на АД „Бутел“ во статус на градско јавно претпријатие. Кандидатот Амет вети ревизија, фер ценовник, нови патеки, осветлување.

– Ќе се водиме по принципот на Виена каде што гробиштата се уредени како паркови со јавен превоз и со дигитални мапи. Дел од просторот може да добие и културно-меморијалната функција – вети Александар Рашковиќ.

Сите овие идеи се сега пред гласачите на македонската метропола, кои ќе решат што им е прифатливо, а што не. Тоа ќе значи и дека одново ќе им дадат шанса на некој од оние што им ги понудиле да ги реализираат во претстојните четири години. Со желба да не бидат разочарани. (Б. Ѓ.)

Референдум за старото име Скупи, Скопје да заработува како приказна…

Скопските избирачи со своето гласање ќе треба да решат и за тоа дали им е прифатлива идејата и предлогот на кандидатот Драган Костадиновски за враќање на старото име на градот – Скупи.

– Жителите ќе бидат прашани дали градот да го врати старото име Скупи/Skupi – ветувањето е на кандидатот Драган Костадиновски.

Вангел Божиновски, кандидат на партијата Родина Македонија, даде предлог за поинаков начин на полнењето на градскиот буџет.

– Потребна е потесна соработка со туристичките агенции. Градот треба да им излезе во пресрет многу поактивно и да ги чуе нивните совети. Скопје треба да го полни буџетот од приказна, а не да создава главоболки од тешка, полутешка и претешка индустрија – предложи тој.

 

ИЗДВОЕНИ