Завршува фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ со промоција на книга поезија на современи грчки автори

40

Четворица грчки поети ќе бидат гости на промоција на книгата со поезија „30 современи грчки автори“, која се случува во рамки на дополнителната програма на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“. Настанот ќе се одржи во Аудиокултура, во Скопје, на 26 септември, од 20 часот. Модератор на настанот ќе биде Борче Николовски, а за книгата ќе зборуваат и Александар Прокопиев и издавачот Дејан Трајкоски.

„30 современи грчки автори“ содржи препев на 30 песни од автори од Грција, во избор издавачката куќа „Вакхикон“. Според зборовите на уредникот на „Вакхикон“, Несторас Пулакос, ова е збирка што ќе ја долови богатата поетска продукција, но и ќе ги прикаже трендовите на поетската сцена во Грција.

Во Скопје публиката ќе има можност во живо да ги чуе Хрисанти Иакову, Ефтихија Кателанаки, Манос Мавромустакакис и Никос Влахакис, истакнати поети, чии песни се застапени во книгата. Препевот на книгата е на Петар Андоновски.

– Книгата „30 современи грчки автори“ е место каде што се нанижани звуци и тишини, врската помеѓу тајната и времето и фактот дека луѓето насекаде се сакаат и се мразат на ист начин. Поетите пеат за товарот на осаменоста, за удавените зборови, претопувањата на осаменоста… ќе напише Трајкоски за книгата издадена од „Прозарт медиа“.

Книгата ќе има промоција и во Атина, на 29 септември, на која ќе присуствува и ќе упати поздрав советникот на македонската амбасада во Грција, Борис Мирчевски.

Инаку, на затворањето на 13. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, наградата „Прозарт“ му беше врачена на словенечкиот писател Евалд Флисар кој, по повод признанието зборуваше за значењето на квалитетната литература и за улогата на книгата во време кога „светот се дави во премногу зборови и премногу книги“.

– Книгата може да биде опасна и во рацете на некој што не знае како да се справи со неа. Голем дел од она што го наоѓаме во книгите, во многу книги, може сериозно да го оштети умот. Од друга страна, добро избраната и правилно прочитана книга може да свети во животот на една личност како сонце, загревајќи го духот и исполнувајќи го со радост и креативност, истакна Флисар, кој е еден од најпреведуваните словенечки писатели.

Флисар предупреди дека „’плевелот на лошите книги’ го задушува просторот за креативна и искрена литература, додавајќи дека вистинската борба денес не е меѓу авторите, туку меѓу површното пишување и добрите читатели, оние што знаат да ја разликуваат автентичната приказна од безличната продукција“.

Фестивалот го затвори Дејан Трајкоски, идеен творец на „ПРО-ЗА Балкан“, посочувајќи дека „во овие времиња на светот како да не му останува ништо друго освен да го послушаат поетот Радован Павловски и неговата мисла од циклусот песни ’Зрна’: Биди како природата/ И на мали работи/ Најди им пат/ Да дојдат/ До својот врв“.

ИЗДВОЕНИ