На 64. издание на „Струшките вечери на поезијата“, кое започна на 21 август, учествуваа 70 поети од Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, од нашата земја и регионот, а фокусот на годинашната манифестација беше глаголицата
Со врачување на највисоките фестивалски признанија „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“, и меѓународното поетско читање „Мостови“, синоќа, на Мостот на поезијата во Струга, заврши 64. издание на „Струшките вечери на поезијата“.
Наградата „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка му ја врачи директорот на СВП, Никола Кукунеш. Уметничкиот директор на Фестивалот, Мите Стефоски на полскиот поет Матеуш Шимчик, пак, му го врачи признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и СВП го доделуваат за најдобар поет-дебитант, а наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 за најдобра поетска книга на македонски јазик издадена меѓу две изданија на фестивалот на Јулијана Величковска за збирката „Рајсфершулс“ ѝ ја врачи претседателот на жири-комисијата, поетот Санде Стојчевски.
Инаку, на 64. издание на „Струшките вечери на поезијата“, кое започна на 21 август, учествуваа 70 поети од сите меридијани. Фокусот на годинашната манифестација беше глаголицата, а фестивалот почна со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во Струга во чест лауреатот, со палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата и меѓународното поетско читање „Меридијани“.
Иван Штрпка – илуминативен пример на духот на модерната словачка поезија
Во црквата „Света Софија“ во Охрид, пак, се одржа традиционалното поетско претставување на добитникот на „Златен венец“, словачкиот поет Иван Штрпка. На претставувањето присуствуваше и претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. Беседа за лауреатот на највисокото поетско признание во земјава одржа академик Катица Ќулавкова.
„Поезијата на Иван Штрпка има интимна, медитативна, комуникативна и антрополошка димензија. Отвореноста, огледалноста и интертекстуалноста ја прават посебна, оригинална и пријателски настроена спрема читателот. Од тие причини, поезијата на Штрпка е книжевна и духовна придобивка која ги надминува рамките на Словачка. И во случајот со поезијата на Иван Штрпка може да се каже дека она што постигнало степен на совршенство, не познава просторни и временски граници“, кажа академик Ќулавкова.
Поезијата на Штрпка ја опиша и како огледална, затоа што, како што рече, во неа се прекршуваат слики од колективната меморија, кои ѝ даваат додатна вредност на интроспекцијата и медитативната перцепција својствена на неговите песни. Без таа огледалност тешко би ја разбрале метафизичката трансформација на поетските слики на Штрпка.
„Штрпка е илуминативен пример на духот на модерната словачка поезија која се спротивставува на поетичките и политичките канони наследени од поствоениот комунистички чехословачки амбиент и хронотоп, а се отвора кон светот и го покажува својот сензибилитет спрема т.н. вечни теми на поезијата, теми профани, теми филозофски, теми етички, теми естетски“, додаде Ќулавкова.
Лауреатот Штрпка по овој повод изрази задоволство што се вброи во друштвото поети од целиот свет.
„Голема чест е да ја примам во Македонија наградата ’Златен венец’ на еден од најзначајните меѓународни фестивали на современиот свет на поезијата без граници, во Струга. Воедно е и голема сатисфакција да влезам во прекрасното друштво на одлични поети од целиот поетски свет, толку важни во сето ова време и за мене. Да се читаме, да се пишуваме, да се истражуваме подлабоко! Нашиот отворен, однапред недовршен повеќеслоен јазик може да биде овде индивидуален, а притоа единствено заеднички. Можеме попрецизно и подлабоко да се разбереме. Тоа е првичниот јазик што се создава во нас и со нас од почетокот. Тоа е важно особено денес, среде несигурниот свет во кој вредностите на нашата перцепција и неговите визии се мошне небезбедно разнишани“, рече Штрпка на поетско претставување во Охрид.

Јулијана Величковска наградата „Браќа Миладиновци“ им ја посвети на сите жени
Во рамки на фестивалот беше прогласена и добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга објавена на македонски јазик меѓу две изданија на СВП – Јулијана Величковска за збирката „Рајсфершулс“.
„Големото творечко љубопитство, најверојатно, е мотивот Јулијана Величковска во својата нова книга да се обиде да се изрази преку еден посебен, обично поредок книжевен облик – песни во проза и на тој начин уште еднаш да го актуализира прашањето за граничните области и форми меѓу жанровите… Најновата поезија на Величковска може да се типизира како постмодерна, експериментална и длабоко феминистичка поезија којашто тежи да ги истражува идентитетот, телото, траумата и моќта на зборот. Клучна тема е телото – како објект на желба, на страв, како мајчинско тело, како сведоштво, формирано преку хумор и иронија. Песните во ова дело не се класично структурирани. Тие се фрагментарни, колажни, исполнети со метафори, дијалози, граматички термини, сказни и митови. Јазикот е свесно деконструиран – поетесата игра со неговите правила, го раскинува и повторно го составува, како што се шие/раскинува и женскиот идентитет низ текстот, или како што се отвора и затвора патентот (рајсфершлусот)“, се истакнува во образложението на жири-комисијата во состав: Санде Стојчевски, претседател, и членовите Зоран Анчевски, Иван Џепароски и Лулзим Хазири, како и Иван Антоновски (секретар).
Величковска наградата им ја посвети на сите жени, чиј глас бил замолкнат или стишан и на Драги Михајловски.
„Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Тоа што мене многу ме радува на овој Фестивал е што гледам дека генерациите се доближуваат и се надминуваат разликите, не се доживуваме едни со други како конкуренција, туку како заедница и пријатели“, рече Величковска.
Матевска наградена со „Енхалон“; Колева-Дамњановиќ со „Стојан Христов“

Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна прочитана од млад автор на „Струшките вечери на поезијата“. Одлуката ја донесе тричлена жири-комисија во состав: Стефан Костоски, претседател, и членовите Никола Ѓелинчески и Пепи Стамков.
„Песната ‘Студ’ на Гала Матевска изобилува со цврсти поетски слики за кревкоста на телото и тежината на душата. Сликите на месечини што висат од прстите, напукнати коски и облаци над планините ја претвораат природата во огледало на внатрешниот свет. Поетесата не се одмерува со планините во метри, туку со денови, генерации и таги. Времето тече и се преклопува, минатото и сегашноста се судруваат, а вистината се открива преку болката и сеќавањето“, стои во образложението на жири-комисијата.
Поетската книга „Кораб“ од македонската поетеса Ратка Колева-Дамњановиќ, пак, е годинашен добитник наградата „Стојан Христов“ за 2025 за најдобра книга со поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за иселеништво, во рамките на 64. издание на „Струшките вечери на поезијата“. Претседателот на жири-комисијата, Никола Ѓелинчески, во образложението посочи дека поетската збирка „Кораб“ од Колева-Дамњановиќ, која живее и создава во дијаспората, се издвојува со својата зрелост, емоционалната длабочина и префинетиот израз. (Н.И.Т.)