Бидна! И пред преполната сала „Јанко Узунов“ и пред малите екрани на МТВ 1, Финалната вечер на секогаш примамливиот македонски фолк-фестивал „Валандово фест“. Додека другите фестивали згаснаа, овој опстојува и не ја остава публика рамнодушна. Напротив! Таа неделна вечер, која и ако личеше на есенска, сите патишта водеа и одеа кон Валандово.

Како да не одат кога на фестивалска сцена имаше „гужва“ од настапот на фолк-ѕвездите: Блага Петреска, Благоја Грујовски, Сузана Гавазова, Ефто Пупиновски, Смиља Митровска, Горан Тодоровски, Драган Мијалковски, Блаж Маротов, Даце Николовски, Мишко Крстевски….кои беа доволна мамка за публиката желна за слушање на македонска музика.

И како што си е редот така се случи и сега. Се изнаслушавме со мерак нови 22 фолк-песни од кои сигурно десетина ќе останат да се вртат на топ-листите и во музичките програми на РТВ-станиците. Тоа најмногу важи за првите три наградени и според публика и според жирито чии музички вкусови се совпаднаа.

Победата и фестивалското Гран при освоија атрактивната Сузана Гавазова и Љубчо Ѓоргиев, Македонец од Хрватска, кои во дует ја испеаја певливата песна „Љубовта да расцути“ авторско дело на браќата Миле и Ѓорѓи Барбаровски. Втората награда ја освои уште еден дует а, станува збор за Благоја Грујовски и гостинката од Бугарија инаку, нашата Македонка Василија Петрова за песната „Што си ветивме”. Третата награда, исто така заслужено, заврши кај секогаш одлично распеаната Смиља Митровска, која во тандем со Фис ни ја претставија песната „Дојди”.

И навистина е така дека си дојдовме и ние новинарите во голем број на фестивалот. Ни во кој момент не се попишманивме. Не! Владееше преубава атмосфера, владееше дружењето со пејачите и останатите учесници, видовме модерно облечени пејачки во вечерни балски дамски фустани, а меѓу нив во еден таков фустан беше и водителката Ирена Спировска. Секако и пејачката Јованка Јо која со својот моќен глас маестрално ја испеа песната „Што љубов беше“, освојувајќи ја златната награда за Најдобра фестивалска интерпретација.

Најдобриот дебитант е новонадежниот Чеде Спасиќ кој ја пееше певливата „Наздрави пријателе“… Навистина самиот фестивал преку песните и неговите организатори на чело со љубезниот домаќин, градоначалникот на Општината Валандово Перо Костадинов наздравија со високо кренати чаши, со убави мисли и со многу желби в година повторно да се видиме и пееме во градот на калинките, но само да ни се погоди времето карактеристично медитеранско за овој крај на Македонија, кое годинава единствено тоа ни недостасуваше. Сè останатото си беше одлично наредено!

Дуле Миќиќ     

ИЗДВОЕНИ