Заврши средбата на делегациите на Киев и Москва: Преговори во сенка на опасноста од нуклеарен одговор на украинската „Пајажина“ што уништи руски бомбардери

685

Во пресрет на преговорите од кои се чекаат информации, ноќта меѓу саботата и неделата, Украина изведе една од најамбициозните воени операции во војната со Русија, наречена „Пајажина“, во која со околу 100 дрона нападна четири руски воздухопловни и уништи или оштети најмалку 40 руски воени авиони. Во руските медиуми и на социјалните мрежи има повици за нуклеарен одговор кон Украина, зашто, според руската нуклеарна доктрина, овој напад може да се смета за доволно оправдување за таква реакција, бидејќи цел биле авиони со нуклеарен капацитет

 

 

Под засилени безбедносни мерки и од копно и од вода, руска и украинска делегација, по вторпат во ист состав и на истото место – во Истанбул, седнаа на зелена маса. Среебата траеше околу еден час, но се уште се чекаат деталите.

Турскиот министер за надворешни работи,  Хакан Фидан, кој го отвори состанокот, рече дека „целиот свет го следи“ и изрази надеж дека ќе се постигнат конкретни резултати, кои ќе ги приближат двете страни до мирот. Тој потврди дека една од темите на состанокот, кој не заврши до затворањето на весникот, ќе биде нов чекор во врска со размената на воените заробеници, но „ќе се разговара и за подготовките за состанок на челниците на двете земји“.

Оваа втора рунда мировни преговори меѓу делегациите на рускиот претседател, Владимир Путин, и на украинскиот, Володимир Зеленски, падна во сенка на најголемиот украински напад со дронови досега, кој се случи претходниот ден, длабоко на руска територија и предизвика страв од  пресврт на војната во нуклеарна. Украинската безбедносна служба (СБУ) во ноќта меѓу саботата и неделата изведе една од најамбициозните воени операции во војната со Русија, наречена „Пајажина“, во која со околу 100 дрона нападна четири руски воздухопловни бази: Белаја, Џагилево, Очења и Иваново. Притоа, според украински извори, биле уништени или оштетени најмалку 40 руски воени авиони, меѓу кои и бомбардери со можност да носат нуклеарно оружје. Овој напад е карактеристичен по тоа што бил подготвуван повеќе од една и пол година,  а вклучувал и сложена логистика: беспилотните летала ФПВ прво биле прошверцувани во Русија, а потоа нивните мобилни лансирни рампи, кои, всушност, биле дрвени кабини на камиони, тајно биле поставени во близина на целите. Во точниот момент, покривите на кабините биле отворани од далечина и беспилотните летала лансирани кон воените цели. Како што изјави Зеленски, сите лица вклучени во операцијата веќе некое време се надвор од територијата на Русија, што дополнително ја зголемило безбедноста на изведбата.

Нападот се случи на симболичен датум, 1 јуни 2025 година, точно по 29 години откако во 1996 година ѝ ги предаде Украина своите стратешки бомбардери на Русија, откажувајќи се од нуклеарното оружје во замена за безбедносни гаранции. Некои руски телеграм-канали го споредуваат нападот со Перл Харбор, но аналитичарите го поврзуваат со битката кај Цушима од 1905 година, кога јапонските сили уништиле голем дел од руската флота.

Се проценува дека овие напади ја чинат Русија околу шест милијарди евра, колку што вреди уништената стратешка авијација. По ова, никој не очекува дека Путин ќе седи со скрстени раце. Одговорот дојде веднаш. Со дронови и балистички ракети вчера беше нападнат украинскиот град Харков, при што беа повредени најмалку шест лица, вклучувајќи и едно дете. Во нападот се оштетени и голем број куќи, цивилна компанија и неколку возила.

Но, како што известува дописникот на „Скај њуз“ од Москва, Ивор Бенет, во руските државни медиуми и на социјалните мрежи има повици за нуклеарен одговор кон Украина.

– Некои тврдат дека, според руската нуклеарна доктрина, овој напад може да се смета за доволно оправдување за нуклеарна реакција, бидејќи цел биле авиони со нуклеарен капацитет – пренесе Бенет.

Од друга страна, прорежимските воени блогери остро ја критикуваа руската воена команда, обвинувајќи ја за сериозна немарност. Фокусот на критиката е тоа што биле оставени авионите на отворено, без адекватна заштита, иако се наоѓале стотици километри од украинската граница.

– Се сметаше дека тие аеродроми се безбедни само поради географската оддалеченост од фронтот. Сега се зборува и за можни кадровски смени во воениот врв – додава Бенет.

Аналитичарите предупредуваат дека рускиот одговор е неизбежен – дали ќе биде воена реакција, дипломатска пресметка или комбинација од двете, останува да се види. Она што е извесно, велат набљудувачите, е дека украинската „Пајажина“ сериозно го разниша чувството на безбедност на руските стратешки сили, длабоко во внатрешноста на земјата.

Европските земји внимателно следат како се развива ситуацијата и забрзано се подготвуваат за нуклеарна опасност. Британскиот премиер, Кир Стармер, вчера пред објавата на стратешки одбранбен документ за кој се очекува да повика на поголема подготвеност за борба во модерното војување, изјави дека не може да ја игнорира заканата што ја претставува Русија.

ИЗДВОЕНИ