Завршија градежните работи за санација на регионалниот пат кон селото Габрово, во должина од околу 2,2 километра. Поставен е нов асфалтен слој и конечно е решен долгогодишниот проблем со патната инфраструктура на жителите од овој регион. Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), а вкупната вредност на инвестицијата изнесува 22 милиони денари.
– Во рамки на проектот се поставени 12.500 квадратни метри нов асфалт на коловозната површина. Санацијата на овој пат, кој секојдневно го користат жителите на Габрово и околните села, значително ќе го подобри квалитетот на животот и патната поврзаност со центарот на Општината. Изведувач на работите е Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, а средствата се обезбедени преку ЈПДП – информираа од Општина Делчево.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, изрази искрена благодарност до директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, за поддршката и за соработката во реализацијата на проектот.
– Со овој проект решаваме еден од најголемите инфраструктурни проблеми на жителите на Габрово. Ќе продолжиме со максимална посветеност да работиме на подобрување на патната инфраструктура со цел Делчево да добие безбедни и модерни патишта – изјави Гоцевски.












