– Градиме енергетски систем што нуди стабилност, доверба и одржливост. Новиот Закон за енергетика, инвестициите во обновливи извори и активната соработка со меѓународните партнери се клучни алатки со кои ги забрзуваме реформите и ја подготвуваме земјата за енергетската иднина, истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска пред претставниците од Секторската работна група за енергетика, од донаторската заедница, од меѓународни финансиски институции и развојни партнери
Секторската работна група за енергетика во која се клучните институции од енергетскиот сектор МЕПСО, ЕСМ и МЕМО, учествуваше на настан во Влада каде што присуствуваа претставници на донаторската заедница, од меѓународни финансиски институции и развојни партнери. Фокусот беше ставен на размена на искуства, донаторска координација, разгледување на реализираните активности и на утврдување на приоритетите за следниот циклус на реформи.
МЕПСО, ЕСМ и МЕМО информираа за развојот на проектите во своите области, вклучувајќи го процесот „маркет куплинг“, подобрувањето на безбедноста на снабдувањето, модернизацијата на преносната мрежа и истражувањето и иновациите во соработка со академската заедница.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска испрати силна порака за насоката во која се движи секторот, нагласувајќи дека периодот на одложувања и импровизации е завршен.
– Градиме енергетски систем што нуди стабилност, доверба и одржливост. Новиот Закон за енергетика, инвестициите во обновливи извори и активната соработка со меѓународните партнери се клучни алатки со кои ги забрзуваме реформите и ја подготвуваме земјата за енергетската иднина – истакна Божиновска.
Таа додаде дека во тек се подготовки за серија нови инвестиции во соларни и ветерни капацитети, модернизација на мрежната инфраструктура, како и дигитализација на процеси кои се клучни за транспарентност и ефикасност.
Министерството презентираше детали за постигнатите резултати во изминатиот период, меѓу кои: започнати инвестиции во сончеви и ветерни капацитети во соработка со КфВ, ЕБОР и ЕИБ, старт на критични инфраструктурни проекти, како интерконекторот со Грција и забрзување на процесите за интерконекторот со Србија. Беше презентирана и за подготовката на Национален план за реконструкција на јавните згради со фокус на енергетска ефикасност, но стана збор и за напредокот во процесите за праведна транзиција со конкретни чекори на терен.
– Секој киловат што нема да го потрошиме вреди исто колку киловат што ќе го произведеме – нагласи Божиновска.
Министерството ги претстави главните приоритети за наредниот период: финализирање на законите; продолжување на инвестициската динамика во обновливи извори и мрежи; дигитализација на процеси; унапредување на енергетската ефикасност; развој на интерконекциите; засилено следење и исполнување на роковите.
– Имаме работа која не трпи одложувања. Мора да работиме брзо и фокусирано за да имаме стабилен, модерен и поврзан енергетски систем што ќе донесе бенефит и за економијата и за државата и за граѓаните – заклучи министерката.
Учесниците го поздравија напредокот и ја нагласија потребата од понатамошна координација во реализирањето на заедничките цели: интегриран енергетски пазар, повисока ефикасност, енергетска безбедност и континуирано вклучување на нови технологии и иновации.












