Наградата „Жива“ за 2025 година за најдобар словенски локалитет им беше доделена на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и на Музеј – Охрид. Наградата ја прими директорот м-р Горан Патчев во придружба на колегата Сашо Блажески.
Форумот на словенски култури (FSK) помеѓу 8 и 11 октомври 2025 година, го прослави 11. издание на наградата „Жива“ со меѓународна конференција и објавување на победниците во Требиње, Босна и Херцеговина.
Наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј, именувана по словенската божица Жива, која симболизира живот, виталност и плодност, е основана во 2014 од страна на Меѓународната фондација ФСК. Тоа беше иницијатива на директорката на ФСК, д-р Андреја Рихтер, која е и лидер на проектот за наградата „Жива“. Оттогаш, наградите „Жива“ за најдобар словенски музеј и најдобар словенски локалитет (воведени во 2018 година) станаа единствена транснационална културна платформа посветена на промовирање на заштитата, зачувувањето, образованието, комуникацијата и општествената улога на словенските музеи и локалитети. Денес, мрежата прерасна во значајна словенска заедница која опфаќа речиси 250 музеи и локалитети низ 13 словенски земји.