Кризата во Германија и затворањето на фабрики погоди многу индустрии во државата. Една од најсилно погодената е текстилната индустрија, каде што од почетокот на годината досега се затворени најмалку 10 фабрики, а бројот на вработени во оваа индустрија е намален за повеќе од 5.000. И компаниите од другите индустрија во државата се борат со конкуренцијата за да го задржат овој пазар на кој е насочен преку 50 отсто од македонскиот извоз. Компаниите од текстилниот сектор буквално се борат за да преживеат, тие велат дека освен скапото производство и големата конкуренција, дополнителен проблем им прави и фиксниот курс на еврото во однос на растечката инфлација.
Маријана Перковска од Кластерот за текстил за весникот ВЕЧЕР вели дека затварањето на компании во Германија е силен удар не само за текстилната индустрија туку и за другите индустрии во државата бидејќи голем дел од извозот оди на овој пазар.
– Ова се случува веќе подолг период. Текстилниот сектор е во тешка криза и мора да се бори со евтините производи на домашниот пазар и со зголемените трошоци за производство. Ако сакате да им дадете живот на домашните текстилни компании, прво треба да го ограничите увозот на евтина роба. Нашето производство станува скапо и за домашниот пазар и за надворешните пазари. Треба да се изнајде модел преку кој компаниите ќе бидат поддржани и ќе го одржат производството на долг рок. И покрај тоа што сакавме да го замениме лон-производството во финално производство, сега сме веќе многу далеку од тоа. Со ваква политика тоа никогаш нема да се случи. Ние одамна го испуштивме возот за развој на текстилната индустрија, вели Перковска.
Според неа, проблемот со затворањето на фабрики во компании е само еден од многуте проблеми во секторот. Еден од главните проблеми на домашните извозни компании е фиксниот курс на еврото, во однос на инфлацијата и трошоците на компаниите кои постојано растат.
– Производството е намалено поради намалена побарувачка во Германија каде што има голема конкуренција во цени. Зошто Германија да купи македонски производ кога истиот производ од друга земја е далеку поевтин. Кај нас порано околу 70 отсто од производството одеше за Германија, сега по најновата статистика, тој процент е намален, но пак половина од производството оди за овој пазар. Сега за овој пазар се произведуваат само заштитни одела и униформи за војската и за полицијата. Во Европа сè повеќе се оди на текстил кој е изработен со употреба на високи технологии кои ние ги немаме, појаснува Перковска.
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата, смета дека фокусирањето на само еден пазар е убиствено за компаниите, и токму тоа ни се случува со Германија.
– Состојбата со Германија ги погодува сите индустрии во државата. Воведувањето на високите царини од страна на американскиот претседател, Доналд Трамп, влијаеше на германските компании со кои ние имаме голема соработка. Таму пазарот во некои индустрии е паднат и до 30 отсто, што неизбежно се одрази и врз нашата индустрија. Во вакви услови треба да се бара решение и македонските компании мора да бараат нови пазари. Ова е аларм дека треба да се отвораме како пазар, да се следат другите пазари и да се приспособува производството. Политичката, економската и енергетската криза во Германија силно се одразија и врз нашата индустрија и врз компаниите. За да не ни се случува ова постојано, во иднина треба повеќе да се фокусираме на глобалниот пазар, преку поголема продуктивност, поевтини суровини, паметни инвестиции, поголема дигитализација, за што е потребна помош од државата – изјави Бошков за ВЕЧЕР.
Освен текстилната индустрија, погодена е и автомобилската индустрија. Виктор Мизо, генерален менаџер на „Костал Македонија“, претходно во изјава за весникот ВЕЧЕР рече дека кризата на германскиот пазар, односно намалувањето на производството и на продажбата на нови возила се одразува и на нашиот пазар. Во првите шест месеци од годинава, продажбата на нови возила на европскиот пазар се намалила за 4,7 отсто, а само во јуни за 13,8 отсто. Но, за сметка на тоа се зголемува продажбата на електричните – за 8,6 отсто во јуни и на плаг-ин хибридните за 66,4 отсто.
(А. С.)