Затворени десет текстилни фабрики за осум месеци во Источна Македонија

30

За осум месеци се затворени десет конфекции, ова се процените на Ангел Димитров од Организација на работодавачи. Тој посочува дека сите се во источна Македонија, а причината е намалувањето на порачките од страна на странските партнери.

– Немам точен податок, но од она што ми го кажуваат колегите, на околу десетина конфекции им е ставено клуч на врата. Сите се речиси од источниот дел, и тие што не затвораат ги намалуваат работниците, особено со заминување на постарите работници во пензија, и немаат намера да вработат нови луѓе и да ја одржат дејноста на она ниво што било порано, вели Димитров.

Тој посочува дека изминатите години текстилниот сектор преживеа три кризи, по што се намалија и налозите од традиционалните германски партнери. Димитров вели дека, во моментов, македонските текстилни конфекции работат на помали налози бидејќи конфекциите од Бангладеш не ги прифаќаат токму овие налози. Во оваа индустрија останаа да работат 25.000 работници.

– Од 2010 па наваму производството на облека постојано опаѓа, а со тоа опаѓа и бројот на работници и извозот. По корона-кризата тоа опаѓање се засили, особено дојде до израз со проблемите што ги има германската економија, како наш најголем партнер. Почетокот на војната во Украина и енергетската криза предизвикаа пад на побарувачката на текстилни производи во Германија, што директно влијаеше на работењето на нашите конфекции, изјави Димитров.

Тој вели дека во моментов во мирување се седниците на Економско-социјалниот совет, последната ја имале во август, а очекува да продолжат по изборите, на кои ќе ги презентираат своите барања како работодавачи.

ИЗДВОЕНИ