Десетици ученици од ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Општина Карпош се пожалиле на симптоми на повраќање, а кујната во училиштето е времено затворена од АХВ. Дека има вонредна ситуација со стомачни тегоби кај учениците објавија граѓани, на фејсбук-групата „Независни за Карпош“. Пишуваат дека симптоми пројавиле и деца од повисоките одделенија и наставнички. Дел од учениците биле однесени во болница.
По информацијата за сомнежи од труење во основното училиште, вонредна контрола во кујната направија инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје.
Со цел утврдување на изворот на евентуалното труење со храна, кујната во училиштето е времено затворена, потврдија надлежните.
– Согласно со националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна, ќе се спроведе епидемиолошка анкета и ќе бидат земени мостри од инкриминираната храна, работните површини, приборот и машините за лабораториско тестирање – информираат од АХВ и најавија дека ќе ги објават резултатите во јавност.
Директорот на ДЗСИ, Кирил Лазов, кажа во изјава за медиумите дека, освен затворање на кујната како потенцијален извор на зараза, наредени се вонредно чистење и вонредни здравствени прегледи на вработените во училиштето.
– Согласно со своите надлежности, ДСЗИ изврши затворање на кујната како потенцијален извор на зараза и даде решение за забрана во кое се наложуваат и мерките што треба да ги преземе операторот, односно вонредно чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција и спроведување вонредни здравствено-хигиенски мерки за вработените – изјави Лазов.
Минатата недела, АХВ затвори 15-ина дуќани, пекарници и други оператори со храна што се наоѓаат во близина на основните и на средните училишта. Контролите покажале дека се продавала небезбедна храна, работеле во нехигиенски услови или не биле регистрирани. (П.А.)












