Министерството за финансии целосно ја исплати Еврообврзницата издадена во 2020 година, во вкупна вредност од 700 милиони евра. Исплатен е последниот износ од 327,9 милиони евра, од кои 316,3 милиони евра се однесуваат на главницата, додека 11,6 милиони евра се за камата.
Средствата за затворање на Еврообврзницата државата ги обезбеди преку ново издавање на еврообврзница во јануари 2026 година. Дел од обврската, во износ од 383,7 милиони евра, беше предвремено исплатен во февруари 2026 година, додека преостанатиот дел беше исплатен вчера на имателите кои не ја прифатија опцијата за предвремена отплата. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека целосно е затворена една од клучните финансиски обврски на државата.
– Со исплата во износ од 327,9 милиони евра комплетно ја исплативме Еврообврзницата од 700 милиони евра, издадена во 2020 година. Таа е дел од обврските што како Министерство за финансии редовно и навремено ги сервисираме – изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека во периодот од втората половина на 2024 година досега се исплатени вкупно 4,556 милијарди евра по основ на различни обврски на државата, нагласувајќи дека институцијата спроведува стабилен и континуиран пристап во управувањето со јавниот долг.
Од Министерството за финансии информираат дека предвремената отплата на дел од обврската резултирала со заштеда од 3,2 милиони евра за Буџетот.
– Министерството за финансии применува внимателен и сериозен пристап во управувањето со јавниот долг, а ваквата политика ќе продолжи и во наредниот период преку навремено финансирање на државните потреби со најнизок можен трошок – велат од Министерството за финансии.












