Кавадарци добива современ затворен базен со спа-центар, проект што претставува значаен чекор напред за спортско-рекреативниот и за туристичкиот развој на Општината. Премиерот Христијан Мицкоски беше во работна посета на Кавадарци, каде што заедно со градоначалникот Митко Јанчев изврши увид во тековните градежни активности на повеќе капитални проекти.

Изградбата на затворениот базен е финансирана од Министерството за спорт, со средства во висина од 65 милиони денари, а преку вториот владин повик се обезбедени дополнителни 35,5 милиони денари за доградба на објектот со спа-центар.

Во рамките на работната посета, беше извршен увид и во изградбата на мостот преку реката Луда Мара до селото Марена, вовед во работата преку вториот повик на Владата, финансиран од Министерството за транспорт со 12 милиони денари.

Официјално беше пуштено во употреба и реконструираното регулирано речно корито од мостот „Видео Смилевски“ до „Северен булевар“. Се работи за проект финансиран од Вардарскиот Плански Регион и од Општина Кавадарци. Притоа, Вардарскиот Плански Регион  учествуваше со 9 милиони, додека Општина Кавадарци со 43 милиони денари.  

Беше извршен увид  и во тековните активности, фекалниот колектор Опитно Поле, преку вториот повик на Владата, финансиран од Министерството за животна средина, со 9,3 милиони денари.

Градоначалникот Јанчев истакна дека Општина Кавадарци во моментот, заедно со Владата, а некаде со над 80 проценти поддржани проекти од Владата, има отворени проекти од над петнаесетина милиони евра.

– Ова е една градежна експанзија, еден голем развој и за Општина Кавадарци, меѓутоа и за целата Тиквешија. И со тоа можам да бидам горд како градоначалник, особено благодарен на Владата за максималната поддршка и за развојот на Општина Кавадарци, меѓутоа и за развојот на целата Тиквешија. Во моментот сме еден регион што се развива и во делот на економијата, на инфраструктурата, на капиталните и инфраструктурните проекти. Морам да потенцирам дека со одобрение на премиерот, веќе се изработува проектот за обиколница за Тиквешијата, што ќе биде во вредност од над дваесетина милиони евра – рече Јанчев. 

Тој додаде е разговарано и за развој на винскиот туризам.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, потсети дека базенот бил почнат пред повеќе години, но оти сега добива поинаква слика.

– Ова е убав почеток на една година, работен почеток на сето она што го вложува Владата, и преку Министерството и преку ресорните министерства, во локалните самоуправи. Сигурен сум дека некаде до крајот на август ќе биде завршен, пуштен во употреба и предаден на Општина Кавадарци. Ќе можат сите граѓани и сите дечиња да ги почувствуваат придобивките, што е главна дејност на базенот – да учат пливање тука и, нормално, сите оние што сакаат да се рекреираат – нагласи Ристовски. 

Премиерот Мицкоски посака набргу сите овие проекти на кои беше   извршен увид да бидат завршени и да бидат свечено пуштени во употреба, бидејќи, како што потенцира, ќе бидат додадена вредност во квалитетот на живеење, не само на кавадарчани туку и, генерално, на Тиквешијата.

Зимската магија се враќа  во Михајлово

По успешното отворање минатата година, ски-патеката „Македонија“ во Михајлово денеска повторно почна со работа, со што и официјално е отворена новата зимска сезона.

Патеката ќе функционира до 19:00 часот, а по потреба, и до доцните вечерни часови.

Денешниот ден беше прв ден од сезоната за сите љубители на снегот и на зимските спортови.

– Ова е втора зима по ред како што е Михајлово вистински зимски центар за сите генерации, место каде што снегот, радоста и дружењето се спојуваат во едно незаборавно искуство. Подгответе ја зимската опрема, повикајте ја дружината и уживајте во вистинската зимска атмосфера! – препорача градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.

ИЗДВОЕНИ