вторник, јануари 27, 2026
Дома СВЕТ Застрашувачко свлечиште се заканува на град во Сицилија: Пукнатина од 4 километри,...

Застрашувачко свлечиште се заканува на град во Сицилија: Пукнатина од 4 километри, куќите висат на работ/ВИДЕО

157
screenshot X Climate Review

Најмалку 1.500 жители на градот Нишеми, во јужна Сицилија, се евакуирани од своите домови откако силна бура, предизвикана од циклонот Хари, предизвика големо свлечиште на ридот над градот. Свлечиштето отворило процеп долг околу четири километри, кој сè уште се шири и се заканува да ги зафати најранливите делови од населбата.

Градоначалникот на овој ридски град, Масимилијано Конти, рекол дека ситуацијата е исклучително сериозна, бидејќи дел од наклонот целосно попуштил, оставајќи многу куќи опасно да висат преку работ на карпата. Според „Гардијан“, првите знаци на поместување на земјата биле забележани во недела, но свлечиштето набрзо се претворило во широк фронт што се протега со километри.

Постојат сериозни стравувања дека свлечиштето би можело да го проголта историскиот центар на градот. „Ова е драматично свлечиште“, рекол Конте во видео порака објавена на социјалните мрежи, повикувајќи ги жителите надвор од зоните на ограничување да останат во своите домови и да не преземаат непотребни ризици.

„Не сакам никој да го сфати овој настан лесно. За среќа, нема повредени, но материјалната штета на куќите е голема“, рече градоначалникот.

Генералниот директор на Сицилијанската цивилна заштита, Салваторе Кочина, предупреди дека се очекува сите згради во радиус од 50-70 метри од пукнатината да се урнат, што доведе до дополнителни безбедносни мерки.

Училиштата во Нишеми денес беа затворени поради вонредната состојба, а патот што го поврзува градот со крајбрежниот град Гела беше затворен за сообраќај. Повеќето од евакуираните беа привремено сместени кај роднини и пријатели, додека неколку стотици луѓе ги поминаа последните две ноќи во локална спортска сала.

Нишеми има население од околу 25.000 жители, а локалните власти предупредуваат дека ситуацијата ќе биде внимателно следена во наредните денови, бидејќи постои ризик од понатамошно ширење на свлечиштето.

ИЗДВОЕНИ