Неговите јавни настапи честопати се нефокусирани, а говорите ги продолжува со неповрзани приказни, нотира „Гардијан“. Трамп изјави дека на тестот за деменција поминал брилијантно, но психологот Џон Гартнер од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ вели дека „она што го гледаме се класични знаци на деменција, што е големо влошување во однос на нечија основна состојба и функција“
Понекогаш изгледа како да спие на состаноците, а кога зборува, како да се оддалечува од темата со бизарни забелешки, на пример за внатрешен дизајн или за кртови и птици. Целата оваа година, во својот втор мандат, 79-годишниот американски претседател, Доналд Трамп, покажа повремено нестабилно и збунето однесување, што поттикна сериозни прашања за неговата ментална, но и за неговата физичка способност, пишува „Гардијан“.
Весникот додава дека неговите јавни настапи честопати се нефокусирани и дека ги продолжува говорите со неповрзани приказни. „Гардијан“ потсетува дека на еден јавен настап кажал измислена анегдота за терористот Тед Качински, познат како Унабомбер. Рекол дека неговиот чичко, професорот Џон Трамп, му предавал на Качински на МИТ, што не е можно зашто чичкото на Трамп починал во 1985 година, а Качински не бил идентификуван како Унабомбер сè до 1996 година. Исто така, Качински никогаш не студирал на МИТ.
Подоцна тој месец, во текот на состанокот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Трамп нагло се префрли од дискусијата за имиграцијата на тирада за „ветерници“. Зборувајќи непрекинато две минути, тој тврдеше дека ветерниците ги полудуваат китовите и дека енергијата на ветерот ги убива птиците. Во септември, Трамп ги покани врвните воени команданти на состанок во Вирџинија, каде што ги пофали своите наводни успеси, па се префрли на Џо Бајден и на Барак Обама.
– Америка повторно е почитувана како земја. Не бевме почитувани со Бајден. Го гледаа како паѓа по скалите секој ден. Секој ден, тој човек паѓа по скалите. Реков, тоа не е наш претседател. Не можеме да го имаме тоа. Многу сум внимателен, знаете, кога се симнувам по скали – како да сум на скали, како на овие, многу сум – одам многу бавно. Никој не мора да поставува рекорд, само обидете се да не паднете затоа што тоа не излегува добро. Тоа е една работа кај Обама, воопшто не го почитував како претседател, но тој би скокал по скали… Реков, тоа е во ред, но не сакам да го правам тоа. Претпоставувам дека би можел, но на крајот ќе се случат лоши работи и тоа трае само еднаш, но тој заврши лоша работа како претседател – рече Трамп.
Примерите за необично однесување се трупаа во текот на годината. Во ноември, Трамп, најстариот инаугуриран претседател, рече дека направил магнетна резонанција, но не можеше да се сети кој дел од неговото тело бил скениран. Тој месец, се чинеше дека заспа во текот на состанок во Овалната соба, што се случи повторно на состанок на кабинетот на почетокот од декември и уште еднаш, две недели подоцна, на прес-конференција. Претходно ја смеша Албанија со Ерменија додека разговараше за мировен договор. Во говор во Белата куќа, заборувајќи за аутизмот, тој размислуваше за „одредени елементи на генијалноста што може да се пренесат на бебе“.
Меѓу моментите на конфузија на американскиот претседател се и оние кога неконтролирано напаѓаше други. Само во декември, како што наведе „Гардијан“, тој ги нарекол сомалиските имигранти „ѓубре“ и, во потег што шокираше дури и некои републиканци, во суштина го обвини режисерот Роб Рајнер дека е виновен за сопствената смрт.
Белата куќа постојано го брани непредвидливото однесување на Трамп. Портпаролот еднаш изјави за „Гардијан“ дека неговата „ментална острина е ненадминлива“, додека Рони Џексон, републикански конгресмен и поранешен доктор на Трамп, тврдеше дека тој е „најздравиот претседател што го видела оваа нација некогаш“. Самиот Трамп се пофали дека „поминал брилијантно“ на тестот за рани знаци на деменција, а тоа го потврди и лекарот на Белата куќа. Други медицински стручњаци, сепак, не се согласуваат со тоа, а меѓу нив и психологот и автор Џон Гартнер, кој 28 години бил доцент по психијатрија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
– Она што го гледаме се класични знаци на деменција, што е големо влошување во однос на нечија основна состојба и функција – рече Гартнер.
„Њујорк тајмс“, пак, открива дека Трамп сега има пократок работен ден во споредба со првиот мандат. Сега почнува со обврските околу пладне и ги завршува до 17:00 часот.












