Утре се навршува 81 година откако главниот град ја живее слободата. Денеска им оддаваме почит и се сеќаваме на најзаслужните, кои овозможија сегашните генерации да живеат во мир и во спокој, и благодарение на кои Скопје сега стана модерен и современ град. Станува збор за еден од позначајните датуми во современата македонска историја. Токму на 13 ноември 1944 година, единиците на Народноослободителната војска на Македонија, со поддршка од сојузничките сили, го ослободија Скопје од фашистичката окупација. Овој ден го означи почетокот на нова етапа во развојот на градот и на државата. – Овој ден треба да го славиме како голем историски ден. Нас никој не нè ослободи. Заслуга за тоа имаат партизаните и генералот Михајло Апостолски, кој не дозволи Бугарите да парадираат како ослободители – заклучи Наум Бурески, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци

Утре се навршува 81 година откако главниот град ја живее слободата. Денеска им оддаваме почит и се сеќаваме на најзаслужните, кои овозможија сегашните генерации да живеат во мир и спокој, и благодарение на кои Скопје сега стана модерен и современ град.
Станува збор за еден од позначајните датуми во современата македонска историја. Токму на 13 ноември 1944 година, единиците на Народноослободителната војска на Македонија, со поддршка од сојузничките сили, го ослободија Скопје од фашистичката окупација. Овој ден го означи почетокот на нова етапа во развојот на градот и државата.
Претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борци, Наум Бурески, истакна дека во Скопје биле убиени околу 4.654 жители.
– Во оваа бројка влегуваат и 3.704 депортирани Евреи. Скопје како жртви даде пет народни херои – истакна Бурески.
Првите борби за ослободување на Скопје почнале утрото на 12 ноември, во самиот град на неговата јужна страна. Овие напади ги извршила Четириесет и втората дивизија, додека паралелно со неа од правецот на Кисела Вода со силен напад, влегла Третата македонска ударна бригада, заземајќи стратешки згради. Делови од Дванаесеттата и од Третата македонска бригада ја блокирале железничката станица и отпочнале борба за самата зграда како и за Кранговата палата (која се наоѓала во нејзина близина). Главнината на Дванаесеттата македонска ударна бригада ги нападнала зградите на Учителската школа и Поштата. Дел од Дванаесеттата бригада се упатил кон денешната населба Ѓорче Петров (тогашно Ханриево). Во овие улични борби значајна улога одиграла скопската младина која веднаш странично ги нападнала сите утврдени позиции на фашистичкиот окупатор и ги водела македонските борци до сите за ним добро познати германски упоришта низ градот. Педесеттата дивизија и Осмата бригада со извесно задоцнување, претпладне на 12 ноември, отпочнале напад во источниот дел од градот (реонот на Гази Баба и индустриската зона).
– Најжестоките борби се водеа на Матка и кај учителската школа. Се водеа улични борби – раскажува Бурески.
Битката за Скопје била извршена со голем успех бидејќи биле спасени сите мостови во градот и успеале да ги обезбедат и зградите кои биле веќе минирани. Фашистичкиот окупатор успеал да ги урне железничките мостови во Скопје и Ханриево (денешна населба Ѓорче Петров), едно крило од зградата на Железничката станица, а нешто подоцна од непронајдена мина била оштетена и зградата на Народната банка.
За два дена, 400 борци како влог ги дале своите животи за ослободување на самиот град. Ослободувањето било проследено со општа веселба на плоштадот, по кој парадирале партизаните.
– Тоа беше големо славење на скопјани, но имаше и од околните градови и села, како и од подалечните места. Овој ден треба да го славиме како голем историски ден. Нас никој не нè ослободи. Заслуга за тоа имаат партизаните и генералот Михајло Апостолски, кој не дозволи Бугарите да парадираат како ослободители – заклучи Бурески.
По повод одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, градските власти подготвија соодветна програма.
Утре во 11:00 часот, на Партизанските гробишта во Бутел, ќе биде положено цвеќе пред споменикот на ослободителите на Скопје. Во 11:30 часот во Алејата на заслужните граѓани во Градските гробишта – Бутел ќе биде положено цвеќе на гробот на генерал Михајло Апостолски, додека во 12:30 часот ќе биде положено цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје пред Владата.
Вечерта во 19:00 часот, во Македонската опера и балет ќе се одржи свечената церемонија на која ќе бидат доделени наградите „13 Ноември“.
Доделени наградите „13 Ноември“ за особени заслуги во спортот
На свечена церемонија во „СЦ „Јане Сандански“ денеска Сојузот на спортови на Скопје ги додели наградите „13 ноември“ за 2025 година.

За најдобар тренер во 2025 година наградата му беше доделена на Кире Лазаров – Тренер на РК „Алкалоид“, освојувач на титулата ЕХФ Европски куп за мажи 24/25. Од спортските екипи, наградата ја доби РК „Алкалоид“– победник на ЕХФ Европскиот куп за мажи за сезоната 2024/25. За најдобар спортист, наградата му припадна на Евгеј Поп Ацев. За придонес и за развој на училишниот спорт во Скопје е награден Александар Аргироски, професор по физичко образование, спорт и здравје во ООУ „Петар Поп Арсов“ од Скопје. Исто така, за придонес и за развој на училишниот спорт во Скопје е наградена и Ана Јакимовска Стричевиќ – професорка во средното училиште „М. М. Брицо“ – Скопје. Наградата за спортски новинар отиде кај Владимир Булатовиќ од порталот „Екипа“. Наградата за спортски работник ја доби Горан Мицкоски.
Признание за спортски работник во 2025 доби и Јордан Тасевски. Спортски работници, пак, кои ја добија наградата за животно дело се: Бошурка Ѓошевска и Кирил Михаилов.
(А. П.)












