Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
– Нашите служби веднаш излегоа на терен и постапуваат со целосна мобилизација. Се сечат и се отстрануваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој – истакна Ѓорѓиевски.
Eдно од паднатите дрвја попречи сообраќај во општина Кисела Вода, во близина на средното економско училиште „Васил Антевски – Дрен“, каде што биле оштетени три возила. За инцидентот биле известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, а екипите веќе интервенираат за отстранување на дрвото.
– Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот. Апелирам до сите за зголемена внимателност додека траат активностите на терен, особено на улиците со прекинат сообраќај или оштетени дрвја – посочи градоначалникот.
Vаквите засилени ветрови не се реткост во зимскиот период, а предизвикуваат значителни материјални штети, како скинати кабли, оштетени автомобили и блокирани улици, што дополнително ја оптоварува работата на јавните служби.
Граѓаните се повикуваат на внимателност, особено при движење по улиците и парковите, и да се придржуваат до сообраќајните упатства додека траат активностите на терен.











