Во пресрет на претстојните празници, кога традиционално се организираат предновогодишни и новогодишни прослави, забави, а и јавни собири во угостителските објекти, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) апелира до сопствениците и организаторите да постапуваат одговорно и целосно да ги почитуваат прописите за заштита од пожари и за безбедност на посетителите, а секако и за брза евакуација и при други итни случаи на загрозеност на животот и здравјето на граѓаните и при други опасности.
Оттаму им препорачуваат на сопствениците и на организаторите на забави да го почитуваат максимално дозволениот број на посетители, согласно капацитетот и важечките прописи.
– Објектите да бидат соодветно обезбедени со исправна противпожарна опрема, којашто е неопходно непречено да биде достапна за итна употреба и што е редовно одржувана. Коридорите, излезите и патиштата за евакуација да бидат постојано чисти, проодни и без пречки, а излезните врати за евакуација да бидат отклучени и функционални за непречено напуштање на објектите во случај на пожар или друга опасност – се вели во апелот.
Од Дирекцијата нагласуваат да се почитува забраната за користење на пиротехнички средства и да не се користи отворен пламен во затворени простории или други потенцијално опасни материјали спротивно на законските прописи, а персоналот да биде информиран и подготвен за постапување во случај на итна состојба.
– Почитувањето на овие превентивни безбедносни мерки не е само законска обврска, туку е и морална одговорност на секој сопственик и организатор на масовни настани кон неговите гости и вработени – велат од ДЗС.












