Заштитата на Охридското Езеро и на басенот на реката Црн Дрим е приоритет за Владата

1

Остануваме посветени на заштитата и на управувањето со водните ресурси во државата, во согласност со приоритетите за економски развој и заштита на природните богатства, како и на усогласувањето со директивите на ЕУ, истакна вицепремиерот Александар Николоски денеска, на состанокот на експертско ниво за заштитата на сливот на реката Дрим и охридското сливно подрачје.

Во своето обраќање ,тој истакна дека Владата, преку системски мерки, презема активности за заштита на водите, потенцирајќи ги акциските планови што ги реализираат ресорните министерства во насока на заштитата на природните ресурси.

– За нас, заштитата на водата и водните ресурси е од големо значење. Чистата вода не е само природно богатство туку и цивилизациска вредност што ги одредува квалитетот на животот и одржливоста на идните генерации. Сливот на реката Дрим, кој опфаќа неколку земји и култури, ги симболизира нашата меѓузависност и колективната одговорност, но е и регион за градење политичка соработка, како и за развој на одржлива економија. Дрим не е само река, Дрим е наше природно богатство и наследство, а во исто време нејзиниот слив е регион со огромен капацитет за развој на инфраструктурата и на туризмот. Водите на Охридското Езеро претставуваат културна вредност, туристички потенцијал и важен економски двигател. Чистата вода станува ресурс што создава можности, работни места и ни овозможува меѓународно препознавање – изјави Николоски.

Тој додаде дека Владата активно работи на спроведување на Стратегијата за рехабилитација на природното и на културното наследство на Охридскиот Регион, а даде и голема поддршка на меѓународниот проект за заштита на сливот на реката Дрим.

– Во овој поглед, силно го поддржуваме проектот ГЕФ на охридското крајбрежје, како и напорите на глобалното партнерство за води – Медитеран. Сите мора заеднички да се фокусираме на борбата против различните форми на загадување на водата и да создадеме еколошки пристап што ќе произведе здрави екосистеми и долгорочна безбедност на водата – наведе Николоски.  

Состанокот беше во организација на групата „Дрим кор“ и на него се разговараше за идните мерки и активности за заштита на сливното подрачје на реката Дрим.

 

ИЗДВОЕНИ