Растот на заштедите е поттикнат, пред сѐ, од зголеменото учество на денарските и на долгорочните депозити, што укажува на сѐ поголема доверба на граѓаните во домашната валута. Народната банка, преку низа мерки, ги поддржува процесот на денаризација и долгорочното штедење. Ова движење ја зајакнува стабилноста на банкарскиот систем и обезбедуваат поддршка за економската активност
Вкупно 445 милијарди денари или 12 % повеќе во однос на претходната година изнесувале вкупните депозити на домаќинствата во домашниот банкарски систем во декември 2025 година. Од почетокот на пандемијата наваму, заштедите на граѓаните се зголемени за над 50 %, што ја потврдува довербата во банкарскиот систем и неговата отпорност на повеќекратните економски шокови во последните години.
– Заштедите на домаќинствата во домашниот банкарски систем се покажаа како стабилна и отпорна база дури и во услови на зголемена неизвесност – истакна советничката на гувернерот на Народната банка, Милица Арнаудова-Стојановска, во телевизиско гостување.
Таа посочи дека во изминатиот период се бележи засилен раст на денарските и на долгорочните депозити, што е резултат на стабилизирањето на очекувањата на граѓаните, зголемените приноси од штедењето, особено на долг рок и во домашна валута, како и на мерките преземени од Народната банка за поддршка на процесот на денаризација и поттикнување на долгорочното штедење.
Според неа, денарските и долгорочните депозити на домаќинствата во последните години растат со двоцифрени стапки, при што учеството на денарските депозити достигнало 55 %, а на долгорочните 33,5 % од вкупните депозити. За споредба, во декември 2022 година овие удели изнесувале 47,8 % и 25,1 %, соодветно.
– Овие показатели потврдуваат дека банкарските депозити и понатаму се најзначајниот и најсигурен облик на штедење за домаќинствата, со значаен придонес за стабилноста на финансискиот систем и за поддршка на вкупната економска активност – нагласи Арнаудова-Стојановска.
Последните расположливи податоци за 2024 година покажуваат дека банкарските депозити и натаму се облик на штедење што доминира кај домаќинствата во земјава. Во структурата на финансискиот имот, депозитите учествуваат со околу 60 %, по што следуваат средствата во приватните пензиски фондови со околу 25 %, што е во согласност со трендовите во регионот и во земјите од Европската Унија.












