Бразилската одбојкарка Наџара Фереира, која игра за екипата на Динамо, првпат проговори откако беше суспендирана и откако беше замолена да го потврди својот пол преку крвен тест.
Во емотивно интервју за „Топ ченел“, Фереира низ солзи зборуваше за тешката ситуација во која се најде и за суспензијата што ја доби од Албанската федерација.
- Ова е многу тешка ситуација за мене. Првпат во мојот живот доживеав нешто вакво. Играм одбојка од 12 години. Не можам да опишам колку ми е тешко ова. Мојот приватен живот е моја сопствена работа. Не сум личност што објавува сè на социјалните мрежи, се држам настрана. Но, она што се случува е чиста дискриминација. Не го прифаќам тоа. Не ми дадоа никаква официјална причина зошто сум суспендирана. Едноставно, го направија тоа. Кога прашав едно службено лице од федерацијата – дури и не знам кој беше – тој рече: „Тоа е приватен документ и не можам да го покажам“. Прашав: „Приватно? Што е приватно во мојот живот за тебе? Зошто?“ Се чувствувам ужасно. Немам зборови, истакна таа.
Фереира нагласи дека е „100 проценти жена“ и дека не треба да се оправдува пред никого.
- Јас сум 100 проценти жена и не треба да го објаснувам тоа на никого. Не треба да докажувам дека сум родена таква. Само погледнете ме – мојата коса, моето тело, начинот на кој се облекувам. Сето ова што се случува е неправедно и нехумано. Кој дискриминира друга личност, не може мирно да спие. Не знам како претседателот на Федерацијата може да спие со ова на совеста. Не спиев, не јадев, дури ни вода не пиев. Ова е мојот живот сега. Ѝ благодарам на Албанската федерација што ми го направи ова. Ви благодарам многу, порача Фереира, видливо скршена.
Бразилката е професионална одбојкарка со години и играла во неколку земји низ светот, без ниту еден сличен инцидент. Нејзината приказна предизвика силни реакции во спортската јавност, а многумина застанаа во нејзина одбрана, верувајќи дека е жртва на несоодветна и на срамна дискриминација.











