Лук Литлер (18) ја одбрани светската титула во пикадо. Неверојатниот тинејџер го победи 23-годишниот Холанѓанец Џан ван Вин со 7:1 во сетови во финалето. Тој минатата година стана убедливо најмладиот светски шампион, а сега е најмладиот што освоил барем две титули.
Младиот Англичанец го потврди својот статус на фаворит во финалето против Холанѓанецот кој е пет години постар од него и оствари убедлива победа со доминантен настап.
- Доцнам на забавата на две легенди кои се збогуваат и на кои сум им исклучително благодарен – рече Литлер на самиот почеток од своето јавно обраќање.
Во емотивен говор, тој се осврна и на трагичната несреќа во Нигерија во која за малку ќе загинеше боксерот Ентони Џошуа.
- Моите мисли се со Ентони Џошуа и со неговите пријатели што загинаа – рече тој, а потоа се пошегува во стилот на познатата реплика на Џошуа: „Првиот пат беше толку убаво што морав да го направам тоа двапати“.
Литлер додаде дека ниту еден дел од финалето не бил лесен и дека секој сет бил тесен. Со победата во финалето, тој освои и вртоглава награда од милион фунти, но сè уште нема конкретен план како ќе ги потроши.
- Тоа се пари што ми го менуваат животот. Искрено, не знам што ќе купам. Сè уште не сакам да го сменам автомобилот… Ќе видиме – кажа младиот шампион.
Литлер стана само четвртиот играч во пикадо што ја одбранил титулата светски шампион. Пред него, Фил Тејлор, Адријан Луис и Гари Андерсон успеаја да го направат тоа. Тој, исто така, стана само четвртиот играч во историјата со 10 или повеќе победи на големите турнири. На таа листа со него се само Тејлор (79), Мајкл ван Гервен (48) и Џејмс Вејд (11).











