Европската Унија, во пресрет на клучниот самит во Брисел, се соочува со една од најтешките политички одлуки од почетокот на руската агресија врз Украина: дали да се користи замрзнатиот руски државен имот за финансирање на Киев – и да се ризикува длабок внатрешен раскол. Предлогот за таканаречениот заем за репарации, базиран на руски средства блокирани по инвазијата во 2022 година, откри длабоки политички, правни и финансиски пукнатини во Унијата.
Според проценките, на Украина ќе ѝ бидат потребни најмалку 90 милијарди евра во 2026 и 2027 година за да ги покрие своите буџетски и воени потреби. Доколку финансиската помош не почне да пристигнува напролет, Киев ќе биде принуден да ги намали јавните трошоци, што би можело сериозно да ја ослаби и економската стабилност и одбранбените способности на земјата. Во ситуација во која САД под водство на Доналд Трамп значително го намалија својот ангажман, товарот сè повеќе паѓа врз ЕУ.
На маса се две решенија. Првото, кое го турка Европската комисија, предвидува издавање бескаматен заем на Украина, обезбеден со руски државен имот замрзнат во Европа, главно во Белгија. Друго решение би било ново заедничко задолжување од страна на земјите-членки, но за тоа е потребна едногласност – а тоа во моментов изгледа недостижно.
Од спротивната страна, Белгија го скрши мразот на последниот самит на Советот на ЕУ во ноември, првенствено затоа што има околу 185 милијарди евра руски средства во бриселскиот „Еврокле“. Белгискиот премиер Барт де Вевер смета дека предлогот е правно и финансиски премногу опасен и предупредува дека неговата земја би можела да се соочи со огромни ризици доколку Русија преземе правни контрамерки. Де Вевер веднаш беше наречен новиот Орбан, но по некое време ја доби поддршката од други земји.
Италија, Бугарија и Малта побараао „алтернативни решенија со помал ризик“, а новиот чешки премиер Андреј Бабиш отворено рече дека неговата земја нема финансиски да учествува во таков модел.
Посебен случај е, како што се очекуваше, Унгарија. Премиерот Виктор Орбан отфрла каква било нова помош за Украина и вели дека запленувањето на руски средства би претставувало „објава на војна“ на Москва. Неговиот сојузник, словачкиот премиер Роберт Фицо, се спротивставува на воената помош, иако е подготвен да зборува за повоена обнова.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави пред состанокот на лидерите на ЕУ дека Европа се соочува со јасен и тежок избор.
„Или пари денес – или крв утре“, ги предупреди Туск новинарите по пристигнувањето на состанокот на Европскиот совет.
Тој нагласи дека не зборува исклучиво за Украина. „Не зборувам само за Украина, туку за Европа“, додаде полскиот премиер, јасно ставајќи до знаење дека одлуката за финансирање на Украина ја гледа како прашање на долгорочна безбедност за целиот континент.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека планот на Европската Унија да користи замрзнати руски средства за финансирање на Украина не успеал. Според него, идејата за таканаречен заем за репарации е „мртва и закопана“ бидејќи нема доволно политичка поддршка за неа меѓу лидерите на земјите-членки.
„Мислам дека е убиена. Мртва е. Завршена е. Нема доволно поддршка на највисоко ниво зад неа“, рече Орбан.
Тој ја оцени идејата исклучително негативно. „Целата идеја е глупава“, додаде унгарскиот премиер.
Доколку се напушти користењето на руски средства, останува можноста за финансирање на Украина од буџетот на ЕУ, но Орбан однапред ја отфрли таа опција, јасно ставајќи до знаење дека Будимпешта не го поддржува таков пристап.
Холандскиот премиер Дик Шуф повтори дека Холандија ја поддржува употребата на замрзнатите руски средства за помош на Украина, но предупреди дека постигнувањето договор ќе биде исклучително тешко.
Шуф рече дека ги разбира резервите на Белгија и дека нивните аргументи се „легитимни“, нагласувајќи ја сложеноста на разговорите меѓу лидерите на ЕУ.
Остана уште малку време за Украина: Што вели „човекот одлука“?












