Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, го потпиша договорот за доградба на подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во населбата Хром, со што, како што најави, започнува реализацијата на уште еден значаен проект.
–Со проектот е предвидена изградба на осум нови училници со вкупна површина од 560 квадратни метри, со енергетски ефикасна фасада и систем за централно греење, што ќе овозможи современи, безбедни и функционални услови за работа. Новите простории ќе овозможат едносменско одвивање на наставата, што значи повеќе простор, подобра организација и поквалитетен наставен процес за учениците и за наставниците – информираше Стојкоски.
Тој додаде дека во рамките на училиштето, веќе е целосно завршена изградбата на новата спортска сала, со што се заокружува современ училиштен комплекс кој ги обединува образованието и спортот во едно.
– Со завршената спортска сала и доградбата што следува, создадовме услови какви што навистина заслужуваат нашите ученици. Ова не е само инфраструктурен проект, туку инвестиција во образованието и во иднината на Ѓорче Петров – изјави Стојкоски.