Уште една шокантна информација ни пристигнува од САД и во неа се вели дека НЦАА- лигата започнала истрага против 13-мина кошаркари од шест американски колеџи, за кршење на правилата за спортско обложување.

Кошаркарите се обвинети за обложување против своите тимови, споделување внатрешни информации со трети страни со цел спортско обложување, манипулирање со резултатите и со исходот од натпреварите и за одбивање да соработуваат со истрагата, објавија од НЦАА-лигата.

Играчите се поранешни играчи од следниве тимови: Темпл, Аризона стејт, Источен Мичиген, Њу Орлеанс, Северна Каролина и Мисисипи Вали стејт.

Истрагата е во тек, а НЦАА не сака да ги открие имињата на кошаркарите додека не биде завршена. Само изјави дека ниту еден од осомничените играчи моментално не игра во колеџ-лигата.

Се верува дека самите тимови не биле вклучени во обложувањето, па поради тоа не се очекува да бидат казнети.

НЦАА соопшти дека дознала за „невообичаената активност на обложување“ преку својата програма за следење и дека истрагата за поранешните играчи е фокусирана на натпреварите од регуларната сезона. Било забележано сомнително обложување на натпреварите од НЦАА во текот на сезоната 2023/2024. Најчесто станува збор за обложување на +/- поени. Натпреварот Темпл против УАБ, на 7 март 2024 година, привлече големо внимание. Кога почнаа да се случуваат големи промени во коефициентите, голем број обложувалници го исклучија овој натпревар од својата понуда.

Се наведува дека била откриена сомнителна активност, што вклучува испраќање пораки преку социјалните мрежи и необично плаќање во текот на сезоната.

ИЗДВОЕНИ