Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва ја осветли новогодишната елка на плоштадот и официјално го отвори Божиќниот маркет, означувајќи го почетокот на празничната сезона во главниот град.
„Градот убав повторно блесна! Од срце ви благодарам, драги скопјани, најдраги дечиња, за масовното присуство, за радоста и прекрасната енергија што вечерва ја споделивме заедно“, истакна Ѓорѓиевски. Тој додаде дека со оваа церемонија Скопје направи значаен чекор кон визијата да се развива како современ европски град, создавајќи настани кои носат позитивна енергија, заедништво и радост за сите генерации.
„По години сивило, Скопје повторно блесна. Оваа вечер ќе остане запишана во историјата и ќе прерасне во убава традиција. Ви благодарам што со вашето присуство ја направивте оваа ноќ навистина посебна“, порача градоначалникот. Со свеченото осветлување на елката и отварањето на Божиќниот маркет, главниот град влегува во период полн со светлина, насмевки и празнична топлина.












