Со оглед на раната фаза на истражувањето, сепак сите индиции упатуваат на тоа да се размислува дека калдариумот, односно сауната, е дел од приватна бања што, најверојатно, е во состав на поголем полски имот, villa rustica. Таа, најверојатно, била сопственост на богат граѓанин што преку зима живеел во античкиот град, кој се наоѓал под денешна современа Струмица, а летото го поминувал на својот имот – велат од Заводот и музеј Струмица

 

На археолошкиот локалитет Ќеразлк во селото Баница, Струмичко, од страна на стручниот тим на Заводот и музеј Струмица започнаа првите археолошки истражувања во рамките на кои се врши дооткривање на калдариумот, најжешката просторија, односно сауна од откриената бања. Активностите се вршат по цели 18 години од откривањето и 17 години од геомагнетните истражувања на овој простор во 2008 година. Според тимот составен од д-р Душко Цветанов, Зорица Костадинова и Даниела Дончева, предводен од Ване П. Секулов, археолог советник, иако сè уште е рано да се изведуваат заклучоци, со оглед на раната фаза на истражувањето, сепак сите индиции наведуваат на тоа да се размислува дека калдариумот, односно сауната, е дел од приватна бања што, најверојатно, е во состав на поголем полски имот, villa rustica. Таа, најверојатно, била сопственост на богат граѓанин што преку зима живеел во античкиот град, кој се наоѓал под денешна современа Струмица, а летото го поминувал на својот имот.

– Досега се откриени габаритот на калдариумот и дел од системот за загревање, како што се префурниумот, односно просторијата каде што се загревала водата и дел хипокаустот, системот за загревање на сауната. Од хипокаустот се откриени кружни столпчиња, суспенсори, носители на висечкиот под, како и две колонади низ кои струел топлиот воздух за загревање на подот. Исто така е откриен и дел од системот за загревање на ѕидовите составен од цевки со елипсовидна форма, кои сè уште стојат прилепени на ѕидовите – велат од Заводот и музеј Струмица.

Оттаму, исто така, во моментот се воздржуваат од прецизно датирање кога егзистирала бањата, односно полскиот имот.

– Ако се суди според аналогијата на аркадното решение на подното загревање, кое е идентично со судаториумот во Големата бања во Бања Банско, тогаш може, иако неофицијално, да се датира во 3 век од нашата ера – истакнуваат од Заводот и музеј Струмица.

Инаку, археолошките истражувања се вршат на приватниот имот на Роберт Митев, од кого е добиена дозвола за работа, но, истовремено, како што велат од Заводот и музеј Струмица, тој е и цели 18 години чувар на ова место, кое ги има сите предиспозиции да прерасне во уште еден значаен локалитет што сведочи за богатото историско и културно минато на Струмица и за неговата непосредна околина.

Истражувањата се дел од годинашната програма на НУ Завод и музеј Струмица, Сектор музеологија и се финансирани од Министерството за култура и туризам на Р Македонија.

Конзервација на објектите од споменичната целина Бања Банско

– Од Заводот и музеј Струмица годинава продолжува и реализацијата на третата фаза од проектот за конзерваторски работи на споменичната целина Бања Банско, с. Банско, Струмица. Според надлежните, ќе се работи на најзагрозените делови од откриените ѕидни платна на објектите од споменичната целина.

– Во основниот конзерваторски проект за конзерваторско-реставраторски работи на дел од споменичната целина Бања Банско, Струмица, опфатена е и Големата бања, на која во 2024 година се вршеле конзерваторско-реставраторски работи на ѕид што е меѓу просториите 2 и 5. Овие работи се продолжија како втора фаза на реализацијата на конзерваторско-реставраторските работи на СЗ-ѕидот меѓу просториите 2 и 5, но на изгледот на ѕидот кон просторијата 2. Овој проект е финансиран од Министерството за култура и туризам – велат од Заводот и музеј Струмица.

ИЗДВОЕНИ